Емил Божиновски контролор на мечот Зенит-Јувентус

Најдобриот поранешен македонски фудбалски судија Емил  Божиновски, денес контролор за судење на листата на ФИФА, кој е и претседател на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, ужива голем углед во меѓународната фудбалска федерација, поради свои, најверојатно одлични извештаи на контролите за судењето на мечевите во Лигата на шампионите и Лига на Европа.

Божиновски на 9. октомври беше контролор на судењето  на мечот меѓу Шведска и Косово во рамките на квалификациите за Светското првенство во Катар што се одигра во Стокхолм. На 20. октомври во Сент Петерсбург, пак, ќе го контролира судењето на  натпреварот во Лигата на шампионите меѓу Зенит и Јувентус.

Откако дебитираше на меѓународната сцена на мечот меѓу Шкендија и Хајдук во Лигата на шампионите за млади екипи, нашиот втор контролор на листата на ФИФА, поранешниот судија Димитар Мечкаровски, доби нова задача од УЕФА. Тој тукушто се врати од Словенија каде беше контролор на  квалификациониот турнир на млади репрезентации до 19 години за настап на Европското првенство на кој играа селекциите на Словенија, Италија, Литванија и Исланд.

Ива Пројковска, нашиот женски интернационален судија, денес патува за градот Рива, во непосредна близина на Истанбул каде ќе учествува на  петдневниот семинар за ВАР-судии на кој ќе се издаваат сертификати на најдобрите европски женски судии кои ќе можат со нив да ги судат  натпреварите почнувајќи од четвртфиналето на Лига на шампионите. Тоа покажува дека Судиската комисија на УЕФА смета  на нашата Ива Пројковска.

Ќе патува и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски кој инаку во сезоната 2021/22 година од страна на УЕФА е одреден да биде организациски директор на сите натпревари на Милан кога ќе игра на домашен терен во Лигата на шампионите. На 21. октомври ќе биде супервизор, поточно ментор на одредениот организациски директор од Хрватска на мечот од Конференциската лига меѓу Мура од Мурска Собота и францускиот Рен што ќе се игра во Марибор. Треба да ја следи неговата работа пред, за време и по натпреварот, практично да го обучи што му се задолженија.

Веќе два дена во Минск, во Белорусија се наоѓа раководителот за безбедност и интегритет на ФФМ Роберт Марковиќ, кој е одреден да биде комесар за безбедност на УЕФА на квалификационен турнир на млади репрезентации до 17 години за настап на Европското првенство на кој играат селекциите  на  Белорусија, Ерменија, Англија и Словачка.

М.М.

Се вчитува...