Олимпискиот оган за Зимските олимписки игри во Пекинг, што ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година, денеска беше запален на античкиот стадион во грчката Олимпија, од каде традиционално започнува патувањето до градот домаќин.
По втор пат по ред и трет во историјата на модерните Олимписки игри, традиционалната церемонија се одржа зад затворени врати поради пандемијата на коронавирус, како и за Олимписките игри во Токио. Присутни беа само претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, претседателот на Грција, Катерина Сакеларопулу, претставниците на грчкиот и кинескиот олимписки комитет и акредитираните новинари.
„Во овие тешки времиња во кои се уште живееме, Зимските олимписки игри во Пекинг ќе бидат важен момент да го обединиме светот во духот на мирот, пријателството и солидарноста“, рече Бах.
Церемонијата беше обележана и со инцидент кога тибетски активисти, кои протестираат против кршењето на човековите права во Кина, се обидоа да стигнат до местото каде што се одржа овој настан, пренесоа светските агенции. Активистите се искачиле преку оградата и истрчале кон Храмот на Хари држејќи транспарент со порака „Не за геноцидни игри“. Тие се обидиле да постават и тибетско знаме пред да бидат уапсени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА