ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ДАВИД МИТОВ НИЛСОН: Ме убедија да бранам за Македонија, а сега со години никој не ми се јавил

„Искрено сум разочаран. Кога требаше да ме убедуваат да бранам за Македонија ми се јавуваа често, а потоа кога се повредив никој не ми се јави да праша барем како сум. Три години молк, никој и ништо, како да не постојам за Македонија“

„Да не беа повредите мислам дека ќе имав поуспешна репрезентативна кариера. Но, сметам дека заслужив шанса барем додека бев во Норвешка. Не да бидам број 1, затоа што Столе одлично ја врши работата, но да бидам барем меѓу првите три голмани“

„Сега и да бранам на највисоко ниво, мислам дека нема да бидам повикан. Тоа не е фер. Одлуката да бранам за Македонија не беше лесна, тогаш бев во комбинација за Шведска. Имав чувство дека за Македонија ќе ми биде подобро, но не излезе така“

==========================================================================================================================

Давид Митов Нилсон е голманот за кого пред шест години се дозна во македонската јавност. Македонија тогаш се бореше за Швеѓанецот со македонски пасош да дојде и да брани во дресот на државниот грб, и успеа во намерата. Во 2015 Митов-Нилсон го има своето деби во националниот тим со „чиста мрежа“ на квалификациски натпревар против Белорусија на гости. И кога се чинеше дека Македонија најде голман, следуваа повреди, пехови и падови. Митов-Нилсон во следните 2-3 години не можеше „глава да крене“ од пехови. Сега е веќе далеку од националниот тим и разочаран што никој од Македонија веќе со години му се нема јавено, да го праша барем како е и да му даде поддршка.

Кога го побаравме за интервју, беше крајно изненаден. Ни кажа дека ние сме првите кои го бараме за разговор од Македонија после 3-4 години, затоа што никој не се сетил на него и никој му се нема јавено, иако кога го убедувале да игра, секојдневно добивал повици. „Ме  убедуваа да бранам за Македонија,  сега ме заборавија, како да не постојам“, беше реакцијата на Митов Нилсон.

НИКОЈ НЕ МИ ДАЛ ОБЈАСНУВАЊЕ ЗОШТО ПОВЕЌЕ НЕ СУМ ДЕЛ ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Зошто Давид Митов Нилсон не е повеќе во националниот тим, што се случи после таа 2015 година и дебито за Македонија?

„Искрено не знам што да кажам. Немам поим зошто повеќе не бев дел од репрезентацијата после тој мој прв настап. Не добив никакво објаснување ниту некој ми се јавил да ми објасни зошто одеднаш не ме повикуваа изминатите години и пред ЕП. Ме игнорираа и престанаа да ми се јавуваат веќе неколку години наназад. Имаше некои шпекулации дека не сум сакал да играм за Македонија што е апсолутно неточно. Секогаш со задоволство доаѓав на неколкуте повици. Но зошто ме нема повеќе, тоа треба да прашате на друго место“.

Како повредите после твоето деби за Македонија влијаеа на репрезентативната кариера?

„Имав многу повреди. Тоа е причина зошто го сменив тимот и заминав во Сундсвал и Сарпсборг. Ми требаа натпревари. Во Норвешка имав најмногу чисти мрежи и најголем процент на одбрани. Но, ниту тогаш никој не се сети на мене. Ништо. За мене тоа е многу чудно. Особено кога ќе видам 5-6 голмани пред кои беа мене знаев дека е нешто лично против мене. Веднаш да кажам дека немам ништо против никого. Мислам дека додека бев во Саспсборг заслужив шанса да бидам дел од националниот тим. Не е фер кон мене.

Ме следеа многу пехови после моето деби за Македонија. Шест месеци од мојот прв настап подоцна ја скршив ногата, потоа левата рака, па десната рака. Тоа беше лудо. Но секогаш се надевав дека ќе ме повикаат. Ама, одеднаш од никаде не добивав повеќе повици. Особено што имав успешни одбрани во Норвешка“.

ОДЛУКАТА ДА БРАНАМ ЗА МАКЕДОНИЈА НЕ БЕШЕ ЛЕСНА

Размислуваше ли многу да ја прифатиш понудата од Македонија, особено што тогаш беше во комбинација и за селекцијата на Шведска?

„Одлуката да бранам за Македонија не беше лесна, затоа што тогаш имав понуда и од Шведска, а бев во одлична форма. Кога Македонија ме повика, имав разговори, и имав чувство дека тоа е најдобриот избор за мене. И тие исто така чувствуваа и ме одбраа знаејќи дека имав одлични настапи. Но, сега ми се чини дека било како и да играм, нема да бидам повикан, и тоа не е фер. И сега не ми е убаво поради сето тоа. Ме третираат без респект во последните години. Пред да се одлучам за Македонија ме бараа, зборувавме речиси секој ден, а сега но никој ми се нема јавено 3-4 можеби и повеќе години. Тоа е апсоруд, не ми е јасно како некој да заборави фудбалер кој се решил да смени државјанство и да заигра за друга држава“

Ќе беше ли број 1 за Македонија доколку не беа повредите?

„Не велам дека ќе бев број 1, Столе е одличен голман и одлично брани во националниот тим. Заслужува да биде тој прв голман на репрезентацијата. Меѓутоа сметам дека заслужував да бидам барем меѓу првите три голмани во националниот тим. Ги следам случувањата во репрезентацијата. Никого не сакам да потценам, респект кон секого, но мислам дека во еден дел во овие пет години заслужив да бидам барем повикан. Ама, како што реков едноставно ме заборавија“.

Ја следеше ли Македонија на ЕВРО 2020? Како ги оценуваш настапите? 

„Одлично е да се види националниот тим на големата сцена. Се бореа момците добро и им честитам, и на некои натпревари немаа среќа, инаку можеа повеќе. Горан Пандев заслужи таков крај во националниот тим. Човекот ја однесе Македонија на големо натпреварување, и навистина таков крај секој посакува“.

СЕ НАДЕВАМ, НО НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА ПОВТОРНО ЌЕ ЗАИГРАМ ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ

Има ли надеж за твој кам-бек во националниот тим?

„Искрено не верувам. Тешко. Реков, сега како и да бранам, имам чувство дека нема да бидам повикуван и многу ми е криво поради тоа. Прифатив да играм за Македонија со голема чест, имав и голема одговорност да се оддолжам за укажаната доверба, и сега разочаран сум поради фактот што никој не се сети на мене. Далеку од тоа дека сум се откажал, но не верувам дека некој ќе се сети и ќе ме повика во иднина“.

Се вчитува...