Невидена драма во Аеродром – Феникс се врати ‘од мртвите’ за победа со звукот на сирената

Новајлија Феникс стигна до втората победа во првенството откако во драматичен натпревар славеше над Ангели со 83-80. Гостите имаа шанса да стигнат до дебитантската победа откако на 14. секунди пред крајот имаа предност од пет поени, но избраниците на Дервишевиќ прво успеаја истата да ја анулираат и до тројка на самиот истек на мечот да стигнат до изедначување, а потоа во дополнителните пет минути со звукот на сирената да стигнат и до нови два поени.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на Ангели кои со добра одбрана го лимитираа противникот, а добриот напад реализираше четири обиди во низа за водство од 1-10. Сепак гостите не успеаја да го задежат добриот ритам, а Феникс одговори со агресивна одбрана преку која целосно се врати во игра, но тоа недоволно за водство по 10. минути игра (17-20). Изедначениот натпревар продолжи и до крајот на првото полувреме во кое ниеден тим не успеа да го наметне своето темпо, а преку подобриот финиш на истото, ‘виолетово-жолтите’ беа оние кои имаа минимална предност (36-35).

Работите не се променија драстично ниту на отварањето на второто полувреме. Феникс успеа преку добрата одбрана да дојде до позитива од пет поени, но следеше одговор на гостите кои возвратија со иста мера. Ангели имаа шанси да стигнат и до повисока предност, меѓутоа не успеаја во своите обиди. Се чинеше дека неспортските лични грешки на Самбри и Мандерсон скапо ќе ги чинат гостите, но домаќинот не успеа да ги искористи грешките на противникот па поради лошата реализација на Феникс, избраниците на Георгиевски ја задржаа предноста по 30. минути игра (51-55).

Скромната реализација продолжи да биде проблем за домаќините, а тоа го искористија Ангели кои преку Мандерсон и Васар стигнаа до предност од 55-62. Меѓутоа Феникс не се предаде, а преку Михајлоски и Кларк успеа целосно да се врати во мечот (66-67). Следеше стабилизација на играта на Ангели кои преку добриот ритам на Васар успеа да ја вратат предноста, а гостите беа и на чекор до победа откако на 14.секунди до крајот имаа предност од 68-73. Митревски со тројка ја врати надежта на Феникс, а херојот на домаќините беше Кларк кој со звукот на сирената зад линијата 6,75 донесе дополнителни пет минути (74-74).

Дополнителните десет минути не променија ништо на паркетот. Во играта „кош за кош“, драмата во СЦ ‘Јане Сандански’ траеше се до последните секунди, а ја реши Андреј Митревски со тројка на секунда пред крајот на натпрварот.

Андреј Митревски беше предводник на Феникс 2010 со 23 поени, а дабл-дабл учиноци запишаа Двејн Морган кој натпреварот го заврши со 17 поени и 16 скока, Амар Хот кој броеше до 13 поени и 12 скока, Ахмад Кларк кој дополни 13 поени и 10 скока, а од исто остварување еден скок го делеше Павле Михајлоски кој исто така забележа 13 поени. Џон Васар и Андрија Деолски беа предводници на Ангели со по 19 поени на кои Американецот додаде 8 скока, а Македонецот 4. Мандерсон забележа дабл-дабл од 12 поени и 11 скока, а како двоцифрен со 11 поени натпреварот го заврши и Андрија Атанасов.

Се вчитува...