Рајковиќ е хит во Русија: Горд сум што продолжувам со успесите од Астана

Емил Рајковиќ по неколкуте успешни сезони на чело на Астана го избра руски Автодор за нов предизвик во својата тренерска кариера. Македонскиот стратег има извонреден старт со новиот клуб, со две убедливи победи на стартот на ФИБА Еврокупот, како и одличен скор од три победи и еден пораз во првите четири кола од силната регионална ВТБ-лига.

Рајковиќ и Автодор во минатото коло го совладаа евролигашот Уникс Казан, нов триумф на македонскиот стратег кој и како предводник на Астана во претходните сезони бележеше победи над ривали од елитното европско натпреварување.

„Среќен сум од начинот на кој ја стартувавме оваа сезона. Создавам име и имиџ во овој дел од кошаркарскиот свет, горд сум што и со Автодор продолжам со позитивни резултати по она што го сработев во Астана во изминатиот период. Не е лесно, играме по два меча неделно, но засега се функционира беспрекорно. Зацртаните амбиции на стартот од сезонава е да се обезбеди место во плејофот од ВТБ-лигата, засега се наоѓаме на добар пат тоа да го оствариме. Сепак, ова е само почеток на сезоната и јасно ми е дека вистинските предизвици допрва следат“, истакнува Рајковиќ за ЕКИПА.

Успесите на македонскиот стручњак се уште позначајни ако се знае дека тој немаше многу време за адаптација и наметнување на сопствената кошаркарска филозофија

Имавме малку време за да се екипираме, минавме квалитетни подготовки во Србија и од сегашна перспектива можам да кажам дека завршивме добра работа со изборот на кошаркари. Горди сме на триумфот над Уникс Казан, со што потврдивме дека сме квалитетен тим што може да игра со секого. Играчите кои ги избравме функционираат одлично во офанзивниот дел, постои напредок што треба да го оствариме во играта во одбрана. Сепак, севкупно гледано задоволен сум од почетокот на оваа сезона“, вели Емил Рајковиќ.

Се вчитува...