„Не знам што прават Меси и Роналдо, но за Салах нема слободен ден“

Мохамед Салах се наоѓа во фантастична форма која во досегашниот дел од сезоната ја одбележа со 17 постигнати погодоци од кои 10 во англиското првенство на девет одиграни средби и седум во Лигата на Шампионите на само три. Притоа репрезентативецот на Египет и пет пати асистираше до своите соиграчи.

За фантастичната форма на Салах говореше и неговиот соиграч Адријан кој вели дека не ја познава работната етика на Лео Меси и Кристијано Роналдо, но за Египјанецот знае дека нема слободен ден.

„Не знам што прават Меси и Роналдо, но знам колку е посветен Мо. Тој работи напорно и никогаш нема слободен ден. Постојано е на тренинг или на рехабилитација. Па дури и неколку часа по натпревар. Среќата не е заслужна за неговиот учинок туку неговата посветеност. Неверојатен е и го заслужи тоа што му се случува. Тој е еден од најскромните луѓе кои ги знам“, изјави шпанскиот голман.

Се вчитува...