Пријавени боксери од десет држави за јубилејниот 50. „Златен гонг“

Најголема боксерска приредба во Македонија, традиционалниот „Златен гонг“, кој годинава слави убав јубилеј, 50 години од одржувањето на првиот турнир ќе се одржи на 12. и 13. ноември во малата сала на „Борис  Трајковски“. На 12. ноември се закажани полуфиналните борби, а финалните се на 13. ноември.

Досега федерациите на Англија,  Велс,  Р. Ирска, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Италија, Црна Гора, Украина и Бугарија ги пријавија своите боксери за настап на „Златниот гонг“.

Рок за пријавување е 31. октомври и се очекуваат уште пријави од Словенија, Албанија и Турција кои усно ги најавија своите боксери. Може да се случи на „Златниот гонг“ за првпат да настапат и боксери од Хонг Конг и Шри Ланка, кои покажаа интерес за турнирот, како и федерацијата на Молдавија.

Одредени се и боксери од Македонија кои ќе настапат на турнирот. Тоа се: Адријан Џемили, Оран Шакировски, Јасим Љама, Лион Лена, Алим Насуфи, Лео Јовановски и Арсим Етеми.  Ќе ги водат тренерите Ружди Калач и Петре Чурлиновски.

„Златниот гонг“ се одржува под покровителството на Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт и  Боксерската федерација на Македонија.

М.М.

Се вчитува...