Чави е „избраниот“ – ќе дебитира на клупата на Барселона против Динамо Киев

Долгогодишниот капитен на Барселона, Чави Хернандез, е изборот на управата на каталонскиот гигант за нов тренер на Барса по заминувањето на Роналд Куман. Каталонските медиуми тврдат дека преговорите биле почнати уште пред петнаесетина дена, се било начелно договорено, а откако Лапорта реши да му врачи отказ на Куман веќе нема дилема дека Чави ќе биде нов предводник на Барселона.

Единствен проблем во моментов е што шпанскиот стратег е под договор со катарскиот првак Ал Сад, што истекува во јуни 2023 година. Сепак, тој е убеден дека ќе успее да добие зелено светло од катарските газди бидејќи станува збор за понуда од Барселона, клубот во кој Чави ги мина најблескавите моменти во играчката кариера и сега сака да се врати како тренер.

Иако Барселона сакаше што поскоро да го комплетира ангажманот на новиот тренер за тој да може да го води тимот против Алавес, се чини дека тоа не е возможно.

Бирократијата за раскинот на договорот со Ал Сад, надополнета со враќањето на Чави назад во Каталонија и почнување со новата работа сигурно ќе траат неколку дена, па затоа се најавува дека тој свето деби на клупата на Барселона ќе го има на гостувањето против Динамо Киев во рамките од четвртото коло во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...