Тренерот на Леванте за Барди: Тој е играч од кого се учи…, играч кој гледа додавање и таму каде што никој не може да го види

Тренерот на Леванте, Хавиер Переира не го криеше задоволството од синоќешното реми на неговиот тим со Атлетико Мадрид, нагласувајќи го пред се извонредното враќање на македонскиот репрезентативец Енис Барди во тимот.

Барди, по паузата поради повреда, се врати на најдобар можен начин со два гола од пенал носејќи бод за својот тим.

„Очигледно е колку Барди ни недостасуваше изминатиов период, затоа што тој е фудбалер кој е над нормалното ниво на тимот. Тој е играч кој секогаш демонстрира нешто ново на теренот и од кого се учи“ – истакна Переира по синоќешниот дуел, веднаш продолжувајќи а не штедејќи зборови за македонскиот фудбалер.

„Тој е вистински карактер и на терен и надвор од него. Играч кој гледа додавање и таму каде што никој не го гледа, одличен шутер и од слободен удар и од пенал. И сега бев многу смирен кога двапати тргна кон белата точка. Има голема самодоверба и онака одважно на маестрален начин двапати совлада голман каков што е Облак. Јасно се виде колку Барди е важен за Леванте“.

Барди беше прогласен и за играч на натпреварот меѓу Леванте и Атлетико Мадрид кој заврши без победник, 2-2.

Се вчитува...