Чави Хернандес наскоро треба да биде промовиран во нов тренер на Барселона, но неговиот сегашен клуб Ал Сад од Катар не сака да му даде дозвола за преселба во Шпанија.
Поранешниот шпански репрезентативец ги договори сите услови за враќањето назад на „Камп Ноу“, но тој има уште две години од актуелниот договор, па катарските газди не сакаат да дадат зелено светло за предвремено заминување на одличниот стручњак.
„Има многу шпекулации во последните денови. Ал Сад сака да порача дека Чави има актуелен договор со нас уште две години. Потполно е фокусиран на работата тука и целта е да се одбрани титулата во катарското првенство“, објавија од катарскиот клуб.
Според последните информации, постигнат е договор Чави да остане на клупата на Ал Сад уште за наредниот меч закажан за 4 ноември, по што ќе добие раскин на договорот и веќе од 5 ноември ќе може да замине за Барселона.
Сагата продолжува, а наскоро се очекува да се види дали овие последни информации ќе се реализираат или Чави ќе остане во Катар, а каталонскиот гигант ќе бара нов тренер за наследник на Роналд Куман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА