Шевченко има големи планови за Џенова – тргнува во шопинг во Манчестер Сити и во Челси

Андриј Шевченко денеска и официјално беше претставен за нов тренер на Џенова, а украинскиот стратег уште во текот на преговорите јасно ставил до знаење дека ќе бидат неопходни освежувања во играчкиот кадар за овој тим да почне да игра онака како што очекуваат челниците и навивачите.

Американските газди му ветиле на Шева дека ќе донесат најмалку две квалитетни засилувања во текот на јануарскиот преоден рок, а Украинецот веќе ги избрал играчите кои се на врвот на неговата листа со желби – Александр Зинченко и Кристијан Пулишиќ.

Зинченко сезонава речиси и да не добива шанса кај Пеп Гвардиола, кој на лев бек предност му дава на Кансело, кој вообичаено настапува на десната страна. Шевченко го вадеше најдоброто од Зинченко вклучувајќи го во средниот ред во украинската репрезентација, па не е изненадување што сега сака да го доведе својот сонародник како прв трансфер во Џенова.

Пулишиќ од стартот на сезонава имаше проблеми со повреди и со коронавирус, поради што не е дел од плановите на Томас Тухел. Играч како него со брзината и со инвентивноста во нападот би бил добредојден во Џенова, но останува да се види дали Челси би прифатил шестмесечна позајмица за Американецот, кој пред нецели три години беше платен 65 милиони евра на Борусија Дортмунд.

Се вчитува...