Барди: Да излеземе на терен како тим, заедно да се бориме за победа

Фудбалерот од средниот ред на македонската репрезентација Енис Барди, пред утрешниот дуел со Ерменија кажа дека Македонија мора да излезе како тим, и заедно да се бори за да се добие овој, како што кажа, многу важен натпревар.

„Се концентрираме на нашата работа, на нашата игра, и важно е ние како ќе одиграме. Сметам дека детали ќе одлучуваат за победникот. Најважно е добро да се подготвиме за овој натпревар. Овој меч е многу важен за нас, исто и за нив, и ќе треба да излеземе на терен и да бидеме како тим, заедно како никогаш досега, и да победиме.“, изјави Барди.

Играчот на Леванте потенцира дека после ЕП, сите очекуваат големи работи од Македонија, но вели дека мора да се оди чекор по чекор.

„Мислам дека после Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо да направиме, но мислам дека треба да одиме меч по меч. Со новиот селектор се знаеме долго време, но и ние имаме нови играчи и треба да бидеме трпеливи. Секој натпревар ни носи нешто добро. Нема ништо негативно или лошо. Македонија покажа доста во овие квалификации. Сега играме за да бидеме втори, а не за четврто или петто место. Сите сме свесни што не чека во овие два меча, и ќе мораме да дадеме се од себе, да победиме, и се надеваме дека тоа ќе биде доволно за тоа второ место“, вели Барди.

Се вчитува...