Украина е фаворит, но надежите на Канатларовски со силна верба по триумф

Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година денеска од 13 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје на мегдан против Украина во петтиот свој натпревар од квалификациската Група Х за пласман на ЕП 2023.

Украинците ја носат фаворитската улога, како една од двете најдобри репрезентации во групата заедно со Франција, но избраниците на Драган Канатларовски се убедени дека може да одиграат квалитетен меч, и покрај бројните отсуства во тимот, и да дојдат до втора победа во квалификациите.

Напаѓачот на Шкупи, Марко Ѓорѓиевски постигна клучни голови на октомврискиот собир, очекувајќи голгетерската серија да ја продолжи и сега.

„Знаеме многу добро против каква селекција играме. Очекуваме тешка средба, ќе биде потребна голема пожртвуваност од наша страна, доколку сакаме позитивен резултат. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата. Потребен ни е ист пристап и смиреност, како на претходниот дуел со Ерменија. Знаеме кои се нашите задачи, доколку се придржуваме до тоа што го бара од нас селекторот, мислам дека нема да имаме проблем. Се наоѓам во одлична форма, постигнав гол и на мечот со Ерменија и со Фарски Острови, ќе дадам се од себе за ја продолжам голгетерската серија и да ја израдувам Македонија“ – вели Ѓоргиевски.

Еднакво е размислувањето и на фудбалерот од средниот ред на Жилина, Енис Фазлагиќ кој верува дека со добра игра и пожртвуваност пред домашната публика може да се остварат позитивни резултати.

„Фокусот е максимално насочен кон првиот дуел со Украина, тежок противник кој се наоѓа во одлична форма и игра многу квалитетно во овие квалификации. Имаа одлични индивидуалци, но и колективно се многу добри. Ќе дадеме се од себе и се надевам дека ќе успееме да освоиме три бода од овој дуел. На претходниот квалификациски циклус во октомври и мечевите со Фарски Острови и Ерменија не бев во тимот поради повреда на зглобот, но тоа е зад мене, подготвен сум да дадам се од себе за Македонија на натпреварите со Украина и Франција“ – вели Фазлагиќ.

Избраниците на селекторот Драган Канатларовски, по денешниот дуел со Украина кој од 13 часот се игра на тренинг центарот „Петар Милошевски”, потоа на 16. ноември, на националната арена „Тодор Проески” ја пречекуваат моќната Франција.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023 – 5. КОЛО (денеска)

13 ч: МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА

20:45 ч: ФРАНЦИЈА – ЕРМЕНИЈА

Се вчитува...