ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ: Од Ереван почнува битката за посакуваниот бараж!

Македонската фудбалска реперзентација денеска од 18 часот во Ереван ја игра една од клучните „битки“ за пласман на второто место во групата, кое, пак, носи дополнителен бараж за учество на Мундијалот во Катар идната година. Да се биде или не натпревар за македонскиот национален тим е вечерва. Со победа ги зголемува шансите, со „реми“, ќе зависи исходот од дуелот Романија – Исланд, а со пораз, и дефинитивно ќе немаме шанси за пласман во баражот. Затоа ова е најважниот меч за македонската селекција.

Ех, да имавме повеќе бодови од оние септемвриски квалификациски натпревари, сега ќе беше поинаква приказната. Тоа што го пропуштивме тогаш, сега ќе мора како знаеме и умееме да го надоместиме, иако сега работите не зависат само од Македонија.

Ереван е „горчливо“ гостување за Македонија. Тоа се покажало во минатото и на клупски и на репрезентативен план, па така ќе мора да ја рушиме и таа непријатна традиција во дуелите со Ерменија на гости.

Македонија има проблеми со составот, но селекторот Благоја Милевски најави дека селекцијата ќе оди на триумф од овој натпревар.

„И Ерменија и Македонија имаат подеднакви шанси за тоа второ место. Им треба победи на двете екипи и ќе гледаме интересен и отворен меч меч. Можеби ќе биде поразличен меч од оној во Скопје. Тој дуел помина во наша доминација. Сега очекувам сосема поинаков натпревар, отворен од двете страни, затоа што победа им треба на двете репрезентации. Кога ќе ви недостасуваат вакви играчи како Адеми, Јаховиќ, Николов, Ристовски… секако дека е хендикеп, но оние кои се тука се подготвени да го дадат максимумот, да ја оствариме целта.  Можеби ќе има влијание и тоа денеска, особено во средината на теренот. Што е тука е, во фаза сме на создавање тим кој ќе го имаме во следните 4-5 години. Но, не се откажуваме никако, секоја и најмала шанса за тоа второ место ќе мора да ја искористиме, и ќе видиме што ќе донесе тоа на крај“, изјави селекторот Милевски од Ереван.

И Енис Барди изјави дека треба да се одигра тимски, и да се изгине на теренот за поволен резултат.

„Мислам дека после Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо да направиме, но мислам дека треба да одиме меч по меч. Со новиот селектор се знаеме долго време, но и ние имаме нови играчи и треба да бидеме трпеливи. Секој натпревар ни носи нешто добро. Нема ништо негативно или лошо. Македонија покажа доста во овие квалификации. Сега играме за да бидеме втори, а не за четврто или петто место. Сите сме свесни што не чека во овие два меча, и ќе мораме да дадеме се од себе, да победиме, и се надеваме дека тоа ќе биде доволно за тоа второ место“, вели Барди.

Се вчитува...