Репрезентацијата на Македонија до 21 година на тренинг центарот „Петар Милошевски” ги продолжува подготовките фокусот комплетно насочувајќи го кон мечот со Франција од 6. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во Романија и Грузија 2023 година.
Стрелецот на единствениот погодок на Македонија на средбата со Украина и еден од најдобрите поединци на тој меч, Томче Гроздановски е задоволен од играта против силната Украина, особено во второто полувреме.
„Атмосферата во тимот е на високо ниво, тука во репрезентацијата сите функционираме како еден тим, тоа се гледа и на самите натпревари. Што се однесува до дуелот со Украина, одигравме квалитетен натпревар, особено во второто полувреме против силен противник со извонредно технички потковани играчи. Натпреварот го започнавме во грч, бевме повлечени, трчавме многу, но не успеавме да наметнеме своја игра, ја препуштивме иницијативата на противникот. Но, во вториот дуел одигравме многу послободно, агресивно и отворено, а на крајот имавме можност и да ги освоиме трите бода, но немавме среќа. Мислите комплетно ги насочивме кон дуелот со Франција, селекција која е топ фаворит во групата. Верувам во моите соиграчи и во оваа репрезентација, доколку одиграме онака како што од нас очекува селекторот, верувам дека можеме да ја изненадиме и Франција. Овој тим има квалитетни фудбалери и поседува голем потенцијал” – вели Гроздановски.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски на 15. ноември во вторник на националната арена „Тодор Проески” ja пречекуваат селекцијата на Франција во натпревар од 5. коло од квалификациите за пласман на ЕП 2023.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА