Денеска македонската репрезентација игра против Исланд, најважен натпревар во квалификации. Денешниот меч може да донесе бараж, првпат во историјата Македонија да се бори за пласман на Мундијал.
Рецептот е едноставен – потребна е само победа, за дефинитивно обезбедување на второто место. Исланд доаѓа на гости во Скопје, селекција која и откина два бода на Романија, и така и даде шанса на Македонија да се најде на второто место.
Некои бројки и статистики велат дека дома Македонија е супериорна со Исланд, но Исланѓаните се во една добра серија без пораз на гостински терен вклучувајќи ги и пријателските мечеви. Можеби некогаш бројките ништо не значат, а ЕКИПА ви нуди интересни статистички податоци пред денешниот дуел во Скопје.
- Двете селекции имаат одиграно пет натпревари, две победи има Македонија, две нерешени средби и една победа има Исланд. Гол разликата е во корист на Македонија 6:4
- На домашен терен, Македонија има максимален ефект со Исланд: Две победи и гол разлика 3:0
- На последните три натпревари како домаќин, Македонија не постигнала ниту еден гол
- Исланд, пак, нема пораз на последните четири натпревари на гостински терен, не сметајќи го поразот од Мексико на пријателски меч кој се случи на неутрален терен
- На последните 12 меча како домаќин во сите натпреварувања, Македонија има само еден пораз – оној од Германија во октомври
- На гости во овие квалификации, Исланд успеа да победи само во Вадуц, а одигра нерешено со Романија, додека ги загуби дуелите со Германија и Ерменија
- И Македонија има само еден триумф на домашен терен во квалификациите – оној против Лихтенштајн
- Уште два гола и недостасуваат на Македонија да има најефикасни квалификации во историјата. До сега нашата селекција има постигнато 20 гола, а најефикасни беа во квалификациите за СП 1998, кога имавме 22 постигнати гола
- Македонија дава по просек 2,2 гола по натпревар, додека Исланд е далеку полош – 1,2 гола по натпревар
- Што се однесува до примените голови, 1,1 голови по меч е просекот на Македонија, додека на Исланд 1,6 во овие квалификации
- Исланд на пет меча во овие квалификации не постигнала ниту еден гол, а само еднаш успеала да ја сочува мрежата на гости (пред три дена во Букурешт)
- Исланд е најопасен во периодот од 75 до 90 минута, кога, верувале или не, постигнала повеќе од 63% од головите. Македонија, пак, исто така најефикасна е тој период (35%). Исланд, пак, не постигнала ниту еден гол во перидот од 60 до 75 минута. Македонија најмалку голови постигнала во периодот од 15 до 30 минута, само 5%
- Ако го сметаме Марко Павлов со македонски пасош, тогаш ниту еден Исланѓанец нема играно во македонските клубови. За разлика од тоа, неколку македонски играчи играле во Исланд, меѓу кои Даниел Ивановски, Фикрет Аломеровиќ, Горазд Михајлов, Горан Јовановски, Ѓорѓи Манески, Михајло Јакимовски…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА