Македонија не треба да стравува и по „ерата“ на Пандев: Енис Барди и Елиф Елмас ја водат репрезентацијата кон новите височини!

Заминувањето во репрезентативна пензија на Горан Пандев за оние кои ја следат репрезентацијата, внесе мал страв дека во идните неколку години Македонија ќе нема лидер како него на селекцијата. И можеби стартот на Македонија под палката на Благоја Милевски веднаш го изнесе на површина тој факт. Во септември одигравме три нерешени средби, и се виде колку недостасува Пандев.

Многумина беа загрижени, малкумина веруваа дека после тие „киксови“ и пропуштените многу бодови Македонија ќе се најде во баражот за Светско првенство. За такво нешто беше потребен триумф над велесилата Германија на домашен терен. Откако не беше остварен, односно откако бевме поразени од Германците, јасно беше дека шансите за успех се сведени на минимум.

Дојдоа на ред и последните два натпревари… A Македонија доби лидери кога беше најпотребно, кога беше најтешко. Енис Барди одигра маестрална партија со Ерменците. Стигна и веста за киксот на Романија, па судбината се префрли само во рацете на Македонија, која требаше да го совлада Исланд и да се пласира во баражот. Барди по одличната партија во Ереван беше сместен во тимот на 9. коло во квалификациите. Имаше трета најдобра оценка после Мбапе и Кејн – 9.9.

 

Дуелот со Исланд беше уште потежок за играње на психолошки план. Најважниот натпревар за Македонија во квалификциите, историски кој мораше да се добие за селекцијата да игра бараж. Поведовме брзо, потоа Исланд израмни, а ние имавме пад во играта. И во миговите кога Исланд добро се држеше, на сцена стапува „дијамантот“ Елиф Елмас. Два негови гола за радост на Македонија која долго ќе се памети.

Барди и Елмас, токму тие треба да бидат идните лидери. Поседуваат се што е потребно. Играат во најсилните европски лиги, имаат квалитет кој го покажуваат и во националниот тим. Тоа се покажа на клучните натпревари.

Не смеат да се заборават и другите, секако предводени од капитенот Стефан Ристовски кој на извонреден начин на терен и надвор од него ја презеда водечката палка меѓу соиграчите. Но, Димитриевски, Алиоски, Велковски, Трајковски, Муслиу, Костадинов, Адеми, Николов, и младите Чурлинов, Милан Ристовски, Миовски…, генерација спој на младост и искуство, предводена од селектор кој што и тоа како добро ја знае својата фудбалска задача, потврдија дека може да се надеваме и на историски пласман на Мундијал, без разлика што сите сме свесни дека ќе биде исклучително тешко

Оваа генерација покажа дека и без Горан Пандев може да направи големи нешта. После дуелот со Исланд стигна и честитка од најголемиот, од Горан Пандев. Капитенската лента сега е во сигурни раце – во Стефан Ристовски кој покажа дека е голем мотиватор на овие фудбалери кои само го даваат максимумот, а тоа дава плод уште на стартот на ерата на Благоја Милевски со националниот тим.

Се вчитува...