Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер вечерва во Грција ќе му гостува на АЕК во натпревар од 3. коло од новата сезона во најмасовното европско натпреварување Лигата на Европа. По воведните две кола „битолчани“ имаат скор од еден пораз и едно реми, па мечот против грчкиот тим ќе биде шанса за прва победа.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ вели дека противникот е една организирана и дисциплинирана екипа и дека се во налет. Впрочeм, грчкиот клуб во првите две кола ги совлада Татабања (дома) и Ним (на гостински терен), што на најдобар начин покажува дека станува збор за сериозен тим што може да биде совладан само со максимално ангажирана игра во текот на сите 60 минути.
„АЕК покажа на почетокот од турнирот дена е организирана и дисциплинирана екипа и одлично истрчување по освоена топка. Победија на убедлив начин во првото коло на домашен терен, а во второто коло ја изненадија цела Европа со победата во Ним. Стабилна екипа, во налет се и заслужува респект. Сезоната е долга, оптимисти сме, желни сме за натпреварување и едвај чекаме да почне натпреварот и да видиме која е вредноста на АЕК. Во добар момент сме, во добра форма сме и со нетрпение го чекаме натпреварот и уверен сум дека ќе покажеме добар тимски дух, добро трчање, добра одбрана и верувам дека АЕК ќе „удри“ во цврст „ѕид“ на Еурофарм Пелистер. Подготвени сме да одиграме одличен натпревар и ќе видиме за што ќе биде тоа доволно“, изјави Бабиќ.
Слично размислува и голманот на „зелено-белите“, Марко Кизиќ.
„АЕК е изненадување на сезоната. Ги познававме и претходно, знаевме дека се квалитетен тим, но покажаа одлични резултати во првите две кола. Тоа не смее да нè заплашува, тоа ни дава поголем мотив. Се спремаме, ги анализираме и одиме во Атина на победа. Имаат доста нови играчи. Од тоа што го гледавме, играат брз ракомет, ризикуваат многу и не калкулираат. Сакаат да играат и нивната најголема предност е сплотеноста. Се гледа дека се екипа, но тоа ни дава поголем мотив да докажеме дека сме подобри од нив и да ги победиме“, вели Кизиќ.
Натпреварот меѓу АЕК и Еурофарм Пелистер кој ќе се игра денеска е закажан за 18.45.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА