Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа својата прва европска победа откако вечерва славеа на гостински терен против АЕК со убедливи 27-30. Битолчани одиграа импресивен офанзивен меч во кој целосно го диктираа темпото, создавајќи им огромни проблеми на „жолто црните“. АЕК влезе во овој меч со максимални две победи во претходните две кола, но Бабиќ одлично ја имаше прочитано играта на противникот, „пелистерци“ беа беспрекорни во нападот, цврсти во одбраната и заслужено со цел плен се враќаат од Атина.
Еурофарм Пелистер го отвори мечот со гол на Табоада, но веќе при првиот напад на противникот судиите го покажаа првото исклучување за македонскиот вицепрвак, па на одмор мораше да замине Обрадовиќ. Сепак, тоа не го наруши ритамот на „пелистерци“, кои делуваа феноменално во нападот, па во првите девет минути постигнаа девет погодоци, а домашниот тренер беше принуден да побара тајмаут при резултат 4-9. АЕК успеа да ја консолидира својата игра и опасно да се приближи на 11-12, но по исклучувањето на најдобриот грчки ракометар Цирас повторно следеше серија на битолчани. При 11-14 блесна и голманот Секели, со одбранет пенал и зицер во само неколку секунди, по што македонскиот претставник поведе со 11-16. АЕК постигна гол за 12-16, Еурофарм Пелистер го имаше последниот напад во полувремето, но Периќ и Мараш одиграа катастрофално, па грчкиот состав буквално со звукот на сирената реализираше од контранапад за 13-16, резултат со кој се замина на одмор.
И вториот дел почна со исклучување на еден ракометар на „пелистерци“, но Велковски со значаен гол со играч помалку се погрижи АЕК да не се врати целосно во мечот. При водство од 14-18 македонскиот вицешампион имаше зицер за „плус пет“, но Божиќ Павлетиќ не реализираше контранапад. Тоа не ја наруши самодовербата во таборот на Еурофарм, Велковски изнуди пенал и исклучување, по што битолчани со два брзи гола поведоа со 15-20.
AEK само за момент се спушти на „минус три“, но следеше нова одлична серија на „пелистерци“, кои предводени од Периќ во 45. минута за првпат поведоа и со шест гола предност (19-25), по што тренерот на грчкиот првак беше приморан да побара уште еден тајмаут. Еурофарм Пелистер имаше доволно искуство и квалитет во своите редови за триумфот во ниту еден момент да не биде доведен во прашање, за заслужена победа од 27-30.
Јосип Периќ беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер со осум гола, одличен беше и Табоада со шест погодоци, додека голманот Секели собра десет успешни интервенции.
Македонскиот претставник во Лигата на Европа на ЕХФ во следното коло на домашен терен ќе го пречека составот на Татабања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА