Еуро Никел откако стави крај на серијата од пет порази едно по друго, успеа да врзе две победи на домашен терен. По триумфот над Феникс 2010, овој пат избраниците на Горан Самарџиев славеа и против Куманово со 87-69. Вицешампионот стигна до комотна предност уште во првата четвртина, а високата реализација продолжи и до крајот на средбата за „тренинг-победа“ над „сино-белите“ кои и понатаму се мачат и покрај тренерската смена.
Домашниот состав текот на натпреварот го најави уште на самото отврарање кога обезбеди резултатска предност, а и покрај тоа што истата не беше двоцифрена по 10. минути (28-21), благодарение на одличната игра во втората четвртина истата се искачи на високи 50-33 на полувремето. Високата реализација кавадрачани ја префрлија и на отварањето на второто полувреме па предноста до крајот на третата четвртина достигна и +28 (78-50) со што беа решени сите дилеми за победникот на средбата. Опуштањето на домаќините во последните десет минути го искористија гостите кои само го ублажија поразот.
Со 21 поен и 9 скока Бранислав Џекиќ беше прво име кај домашниот тим, а него го следеше Дарко Соколов со 15 поени и 6 асистенции. 14 поени додаде Томиќ, а како двоцифрени со 12, односно 10 поени мечот го завршија и Калахан и Дубински. 22 поени за гостите постигна Ненад Зивчевиќ, дабл-дабл од 18 поени и 12 скока имаше Глигоријевиќ, а 13 поени, 8 асистенции и 6 скока забележа Џукановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА