Вардар загуби на домашен терен од Пик Сегед со резултат 27-30, за петти пораз во низа на „црвено-црните“ во Лигата на Шампионите и продлаболчување на кризата што ги тресе „црвено-црните“ нецели два месеци. Како кобно за македонскиот тим се покажа првото полувреме што избраниците на Веселин Вујовиќ го одиграа очајно, цели 15 минути ја немаа затресено мрежата на Миклер, по што немаа сили да се вратат. Нешто подоброто издание во вториот дел беше недоволно за да се избегне пораз, па пред Вујовиќ е сериозен предизвик, да најде излез од оваа неочекувано компликувана ситуација.
Почетното водство од 1-0 беше се што Вардар успеа да стори во катастрофалното прво полувреме, бидејќи потоа следеше серија од неверојатни 15 минути без гол за „црвено-црните“. Пик Сегед го искористи тоа за да поведе со 1-8, пред серијата на Унгарците да ја прекине Анте Гаџа. Хрватот со неколку гола и асистенции успеа за момент да го одржи Вардар во ритам, но Пик Сегед одигра извонредно полувреме успевајќи на одмор да замине со огромни седум гола предност (9-16).
Од самиот почеток на второто полувреме стана јасно дека Веселин Вујовиќ успеал да ги мотивира своите избраници, кои и покрај големата негатива немаа намера да се предадат. Одбраната делуваше многу подобро, а нападот „седум на шест“ даде резултат. Во серија голови влезе Филип Талески, а по третиот погодок на македонскиот репрезентативец и спуштањето на негативата на само три гола (15-18) гостинскиот тренер побара тајмаут. Пик Сегед се врати во ритам, Вујовиќ се обиде дури и со Гогов на голот, но тоа не даде резултат, па Унгарците повторно се врастија на удобни шест гола предност (17-23).
Капитулацијата беше дефинитивна кога Дибиров за неколку минути промаши зицер, веднаш потоа и седмерец, по што Пик Сегед знаеше како рутински да го приведе мечот до крај. Томовски беше вратен на голот, но веќе беше доцна, „црвено-црните“ и покрај големата поддршка од трибините немаа сили за да внесат неизвесност во финишот од овој натпревар, кој заврши со конечни 27-30 по малиот пад во концентрацијата на гостите во завршните две минути.
Гаџа и Дибиров со по пет погодоци беа најефикасни во вечерашниот пораз, четири постигна Талески, а три Оливие Нијокас.
„Црвено-црните“ по петтиот пораз во низа останаа на шестото место во групата со само пет бода, сега само со „плус еден“ во однос на седмопласираниот Загреб.
Вардар во наредното коло го очекува уште еден исклучително тежок предизвик, гостување против германскиот гигант Кил во мечот закажан за 2 декември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА