Последниот натпревар од 12. коло во Суперлигата ни донесе и одличен натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ каде актуелниот шампион Вардар се намачи да стигне до нови три бода против „фенерџијата“ Скопје, но благодарение на подобрата завршница славеше со 27-32. Како потсетување во првиот меѓусебен дуел „црвено-црните“ покажаа доминација славејќи со 48-24, но овој пат домаќинот беше далеку помотивиран и приреди неизвесен натпревар.
Домаќините добро го започнаа мечот и во воведните минути имаа предност од 6-3. Сепак Вардар не дозволи Скопје да го задржи добриот моментум по што се врати во игра, но не доволно за предност на полувремето (15-14). Изедначениот меч продолжи и во поголемиот дел од второто полувреме, а клучот за победа беше серија од 6-2 на избраниците на Вујовиќ со која од резултат 24-24 заминаа на предност од 26-30 кој беше преголем залак за Скопје.
Александар Василевски беше првото име кај домаќините со осум гола, а него го следеа Мишевски и Василевски со по шест. По осум гола постигна и Гоце Георгиевски и Јан Чувара за гостите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА