Денеска се играат натпреварите од 1/4 финалето во Купот на Македонија. Требаше да бидат на програмата минатата недела, но поради трагичната автобуска несреќа во која загинаа 45 лица, ФФМ го одложи за денеска.
Сите погледи ќе бидат насочени кон Битола, каде што Пелистер го чека Вардар. Во текот на вчерашниот ден многу снег наврна во Битола, па може да се каже дека денеска играчите ќе имаат снежни услови во овој град. Без разлика кој каде е и во која лига, и на кое место, овој меч дуелот на „вечните“ секогаш привлекува големо внимание. Така ќе биде и денеска, а двата тима ќе сакаат да обезбедат полуфинале во Купот.
Вчерашниот тренинг екипата на Пелистер го одработи под снежни услови, односно за неколку часа наврна голема количина на снег, што може да се види од оваа фотографија. Тука играчите на битолскиот тим го одработија последниот тренинг пред денешниот дуел со Вардар.
Македонија ЃП на свој терен го пречекува тимот на Шкупи, и посакува реприза на дуелот во првенството пред неколку кола кога „лавовите“ го поразија моменталниот лидер на прволигашката табела. Момците на Муарем Бајрами имаат само еден пораз на последните пет меча. Од друга страна, пак, и Шкупи е во одлична форма, а тоа го покажа со последната победа над Струга Трим Лум со 4:0.
Интересен дуел ќе се игра и во Тетово, каде што Шкендија го дочекува тимот на Струга Трим Лум. За разлика од првенството, во Купот Шкендија засега оди без проблеми. Во минатата фаза ја совлада Ренова со убедливи 5:0 и на таков начин обезбеди место меѓу најдобрите четири. Од друга страна, пак, Струга Трим Лум не игра добро на гости сезонава. На последните пет меча има само една победа и тоа над Пелистер минимално со 0:1.
Бранителот на трофејот екипата на Силекс на домашен терен го пречекува составот на Брегалница. Штипјани можеби важат за мал фаворит со оглед дека се првологаши, но Силекс добро „гази“ во второлигашката конкуренција, и е на добар пат да се врати во „елитата“. Затоа кратовци не треба да се отпишат предвреме, особено што играат на свој терен на кој сезонава знаат само за победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА