Тимот на Лос Анџелес лејкерс се соочува со нов сериозен проблем откако беше обелоденето дека Леброн Џејмс е позитивен на коронавирус. „Кралот“ Леброн е вакциниран со две дози, но сепак ќе мора да пропушти најмалку четири натпревари на ЛА Лејкерс во наредниот период.
Големиот ас бил тестиран трипати во пресрет на дуелот со Сакраменто, првиот тест бил позитивен, но оној вториот дал негативен резултат. Согласно протоколите, во ваков случај се прави и трето тестирање, а откако тоа дало позитивен резултат на Covid-19, Леброн со приватен авион се упатил во Лос Анџелес, каде следните денови ќе ги мине во самоизолација.
Тој претходно се мачеше со незгодна повреда, па дуелот со Сакраменто беше 12. сезонава на кој Џејмс не може да им помогне на соиграчите.
„Езерџиите“ и без помошта на својата „суперѕвезда“ лесно славеа на гостувањето против Сакраменто со 92-117, со што со скор од 12 победи и 11 порази се наоѓаат на осмото место во Западната конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

