Управата на Пролет се реши да му укаже шанса на Алексо Лембанов по разделбата од Андон Бошковски, а доскорешниот помошен тренер имаше победничко деби на клупата на скопскиот суперлигаш, при триумфот од 34-26 над Скопје.
Лембанов на 23-годишна возраст ја забележа првата победа во тренерската кариера и речиси сигурно ќе остане на кормилото до крајот на годинава.
„Од самиот почеток на минатата седмица трениравме со засилено темпо. Скопје е последен тим на табелата, но ако ги анализирате нивните натпревари тиемногу често играат по 40-50 минути егал-натпревари и тешко е да се скрши нивниот отпор. Затоа инсистиравме на напорна работа на тренинзите, за да влеземе во посакуваниот ритам и да го скршиме отпорот на оваа екипа. Задоволен сум што успеавме во тоа“, вели Лембанов за клупската веб-страница.
Младиот стручњак има 23 години, но фактот дека подолго време е дел од клубот му помогна за експресна адаптација во новата функција.
„Сметам дека авторитетот не ми претставува проблем, пред се поради фактот дека сум цела година дел од клубот и добро ги познавам овие ракометари. Сите се беспрекорни професионалци кои знаат како да си ја вршат задачата на теренот и максимално ги почитуваат тренерските одлуки. Добро се познаваме, знаеме што да очекуваме еден од друг, а почитта што тие ја имаат кон тренерската професија само ми ја олеснува работата во овој период“, изјави стратегот на Тинекс Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА