Еурофарм Пелистер против Вардар – македонска ракометна класика

Еурофарм Пелистер и Вардар ќе излезат вечерва на мегдан во Битола, во нова рунда од шампионските пресметки во кои токму битолчани сакаат да ги симнат „црвено-црните“ од тронот на македонскиот ракомет.

Вардар со години наназад е недопирлив кога станува збор за битката за титулата, но сезонава ќе претставува најголем предизвик за „црвено-црните“, кои не делуваат така моќно како во минатото, а згора на тоа и веќе направија еден голем „кикс“, губејќи на гостувањето во Битола против Еурофарм Пелистер 2. Ова практично значи дека првиот тим на Еурофарм треба да слави на двете дерби-средби на домашен терен во Битола (денеска и потоа во плејофот), за да биде пред Вардар на крајот од сезоната, под услов и двата тима да ги добијат сите преостанати средби (што е реално да се очекува со оглед на разликата во квалитет).

„Пелистерци“ во одлична форма го дочекуваат денешниот дерби-дуел, во Лигата на Европа не знаат за пораз веќе пет кола (три победи и две реми), додека на мак-сцената на рутина ги добиваа натпреварите, најчесто со двоцвифрена предност уште во првото полувреме.

На спротивната страна, овој дерби дуел доаѓа во најлош можен момент за „вардарци“ со оглед на големата криза на „црвено-црните“ што резултираше со смена на тренерот Веселин Вујовиќ. Недановски солидно ја заврши работата на викенд-дуелот со Охрид, но денешното дерби во Битола е предизвик на кој младиот стратег ќе мора да одговори, да го разбуди „заспаниот џин“ и да го врати Вардар на пол-позицијата во трката за титулата.

На трибините во салата „Боро Чурлевски“ е најавено присуство на двете навивачки групи, „Чкембари“ и „Комити“, што би требало да го комплетира овој ракометен спектакл и да го збогати ривалството меѓу трофејните битолски и скопски ракометни колективи.

Се вчитува...