Вардар игра одлично полувреме и има водство од 13-17 по првите 30 минути игра на дербито во Битола против Еурофарм Пелистер. „Црвено-црните“ делуваат препородено по заминувањето на тренерот Вујовиќ, нападот функционира беспрекорно, што надополнето со слабиот ден на голманите на битолчани овозможи „вардарци“ да имаат одлична предност по првото полувреме.
Обрадовиќ го отвори мечот со гол за водство на Еурофарм Пелистер, но Гаџа одговори со два погодоци на спротивната страна и прва предност за „вардарци“ (1-2). Двата тима се менуваа во водство, а голманите не беа премногу расположени во почетните десет минути, па со погодокот на Граџан Еурофарм Пелистер во 12. минута израмни на 6-6 на големото дерби.
„Црвено-црните“ беа нешто посконцентрирани во нападот, па во 15. минута преку Тото поведоа со 7-9, негатива при која домашниот тренер Жељко Бабиќ веднаш побара тајмаут. При резултат 9-10 Бабиќ го уфрли и Кизиќ на голманската позиција на местото на индиспонираниот Секељи (една одбрана за 17 минути игра), но Талески набрзина даде два гола против својот поранешен соиграч, за најубедливи „плус три“ за Вардар (9-12). Гостите од Скопје продолжија да доминираат, имаа и уште поубедливи 10-14 додека битолчани се мачеа да најдат одговор за Гаџа, Талески и за Тото. Шоуто на „вардарци“ продолжи, па по украдената топка од Дибиров и голот од контранапад на Гаџа гостите поведоа со 12-17, принудувајќи го Бабиќ и на втор тајмаут.
До крајот на полувремето Вардар не даде ниту еден гол, но Еурофарм реализираше само еднаш, па гостите имаат одлични „плус четири“ по првите 30 минути игра во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА