Несомнено е дека од Вардар се очекуваше повеќе во есенскиот дел од сезоната. Ако сакаат „црвено-црните“ да се вратат во прволигашката конкуренција, ќе мора да одиграат подобра пролет, а за таа цел се планирани неколку нови имиња. Првото веќе било договорено, и тоа во името на Дарко Мицевски. Играчот од средниот ред кој досега настапуваше за РФС Рига, наводно е договорен да се врати во „црвено-црните“ редови. Од извори блиски на клубот дознаваме дека Мицевски кажал „да“, но доколку во меѓувреме се најде странски ангажман да му биде овозможено да игра во странство.
Мицевски беше дел од Вардар од 2018 до јануари 2021 година, кога замина во Рига. Сега после една година би можел да се врати во таборот на „црвено-црните“. Во минатото играше за Неџмех, Минск, Нови Пазар, ОФК Белград, а од македонските клубови настапуваше уште и за Тетекс и Работнички.
Вардар планира да се засили и на други позиции, а се ќе биде познато во следниот период кога несомнено ќе се случат промени во играчкиот кадар на „црвено-црните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА