Доделени наградите „Златна Олимпија“ во организација на МОК

Македонскиот олимписки комитет на свечена манифестација за првпат додели награди во неколку женски категории на манифестацијата „Златна Олимпија“. „Златна Олимпија“ за најдобра спортистка за 2021 година доби каратистката Пулексенија Јованоска која учествуваше на Олимписките игри во Токио и заврши на деветтото место. За најдобра млада спортистка беше избрана Миа Блажевска Еминова, за поставениот личен рекорд во пливање на Олимписките игри во Токио.

Најдобар женски тренер за изминатата година, според МОК, беше Александра Војневска Зикова – атлетика, тренер на државната рекордерка на 400 м со пречки, Дрита Ислами. „Златната Олимпија“ за најдобра женска репрезентација припадна на кадетската репрезентација во ракомет, која го освои првото место ЕХФ шампионат во Литванија.

Најдобар спортски подвиг за 2021 година имаше Ирина Дишовска – алпинистка, искачување на Ама Даблам на Хималаите и на Килиманџаро.

Посебното признание за животно дело замина во рацете на Наташа Мешковска, најуспешна македонска пливачка во историјата, учесничка на четири Олимпијади, на две како натпреварувачка (ОИ 1992 и ОИ 1996) и на две како дел од тренерскиот тим. Учесничка на шест Светски првенства, 10-то место на СП 1995 во Рио на 200 метри пеперутка, сребрен и бронзен медал во Светскиот Куп, повеќекратна државна рекордерка. Јулијана Петроска од Специјалната Олимпијада Македонија со освоеното второ место во модерни танци на Светско првенство во Грац, Австрија, беше избрана за најдобра спортистка со инвалидитет.

За најдобра спортистка во колективен спорт беше избрана ракометарката Сара Ристовска, македонска репрезентативка, учесничка на Ф4 во Лигата на шампионите со ЦСКА Москва. Додека, најдобра спортистка во индивидуален спорт беше Мери Акиевска, светска шампионка во бодибилдинг.

Новинарката Билјана Благоеска Петрушева, е добитник на наградата „Златна Олимпија“ за особен придонес кон спортското новинарство, што за првпат ја додели Македонскиот олимписки комитет.

Се вчитува...