Во последниот натпревар од календарската година МЗТ Скопје 2 му гостува на Работнички во еден од последните обиди за спас на сезоната и изборување на опстанок во елитата на македонската кошарка. Тимот кој претходната сезона успеа да обезбеди и трета сезона во низа меѓу најдобрите клубови во мак-баскетот, оваа претрпе големи промени во својот состав, а заминувањето на дел од клучни играчи резултираше со само една победа по 11 одиграни меча за претпоследно место на табелата.
Лошиот старт на сезоната донесе и промена на тренерското место каде замина Перо Блажевски, а пристигна Борис Нешовиќ под чија палка „сино-белите“ одиграа два неизвесни меча против Куманово и Феникс 2010. Сега пред „штркчињата“ се наоѓа најтрофејниот македонски клуб кој самиот по себе носи дополнителна мотивација, а токму за тоа говореа и тренерот и капитенот Виктор Исајловски.
„Натпреварот со Работнички е ист како и сите други. Играчите се свесни дека треба на секој меч да дадат 100% за да имаме позитивен резултат. Сметам дека мотивацијата секако ќе биде присутна, и ќе треба да играме исто онака како што се подготвуваме за овој натпревар. Периодот за да се сменат некои работи е краток, но ние сме млада екипа и мора да играме цврсто во одбраната и со максимална пожртвуваност да гледаме да направиме позитивен резултат. Ова е последен меч пред паузата за новогодишните празници, и се надевам дека тој период ќе го искористиме за севкупни корекции на екипата. Одиме во добра насока, малку треба и спортска среќа и храброст, но се надевам дека полека и резултатите ќе дојдат”, вели Нешовик.
„Јас заедно со својата екипа гледам победа, и одиме тоа и да го оствариме. На последните два меча се случи тоа што се случи, загубивме тесно, но со главата горе во сабота одиме на победа. Не ни е тешко во главите да ги надминеме овие два врзани тесни порази – тоа што било станува минато, и секој нов ден, тренинг и меч за нас е мотивација повеќе. Иако сме млади и се’ уште неискусни, сакаме да се докажуваме секој ден”, додава Исајловски.
Натпреварот помеѓу Работнички и МЗТ Скопје 2 ќе се одигра во сабота на „Кале“ со почеток од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

