Ракометната репрезентација на Македонија денеска во 18 часот во Маврово против селекцијата на Кувајт ќе го одигра првиот контролен дуел во пресрет на европскиот шампионат што ќе стартува на 13 јануари. Селекторот Кире Лазаров во изминатите денови имаше можност да пренесе дел од своите тактички замисли на ракометарите, но Македонија се уште не е комплетна, во исчекување на пристигнувањето на бундеслигашите Миркуловски, Пешевски и Кузмановски.
Во таква ситуација, Лазаров ќе им даде шанса на дел од помладите ракометари да ја оправдаат неговата доверба и да се наметнат за место на финалниот список за ЕП.
„Не сум голем љубител на онаа реченица дека резултатот не е важен, бидејќи секогаш е добро да се победува, на тој начин се зголемува самодовербата. Сепак, кога станува збор за дуелите со Кувајт, наш приоритет ќе биде шанса да добијат сите ракометари. Инсистирав на четири тест-натпревари. Сакаме да победиме и да ги видиме сите играчи со кои располагаме. Секој тренинг и натпревар ни се важни. Помладите тука „купуваат“ минути и ни покажуваат квалитет, а ние ќе одлучиме дали ќе им дадеме повеќе минутажа на големата сцена. Работиме на физичката спремност, мора да бидеме на високо ниво со големи репрезентации и да играме од почетокот до крај“, изјавува македонскиот капитен и селектор.
Вториот пријателски дуел меѓу Македонија и Кувајт е закажан за среда. Нашите ракометари на почетокот од 2022 година ќе одиграат уште две контролни средби, во Скопје пречекувајќи ја селекцијата на Израел на 3 јануари и на 4 јануари.
Македонија ќе биде дел од групата А на ЕП 2022 што ќе се игра во Дебрецин, Унгарија, каде нашите ракометари во премиерниот меч на 13 јануари ќе се сретнат со Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА