Кошаркарот кој ја одбележа 2021 година во мак-баскетот е Андреј Магдевски, МВП-то на сезоната 2020/21 во Првата кошаркарка лига кој го предводеше МЗТ Скопје до „двојна круна“. Добрите настапи на бекот му донесоа и трансфер во романското првенство каде ја претставува македонската кошарка на најдобар можен начин, но и признание за најдобар кошаркар на Македонија за 2021 година.
Во интервју за ЕКИПА, Магдевски меѓудругото говори за почетоците, за првите интернационани предизвици во Партизан и Реал Мадрид, за тешката година помината во Малага, дебито во домашното првенство, но и честа да се носи „црвено-жолтиот“ дрес.
НЕМАМ ИДОЛ, ОД СИТЕ ГЛЕДАМ ДА „УКРАДАМ“ ПО НЕШТО
Од каде љубовта за кошарката, каде ги направи првите чекори и кој ти е идол?
„Љубовта кон кошарката се роди уште од младите години кога сите во населба играа баскет, па така и јас почнав покрај нив да шутирам на кош и од рана возраст се запишав во школата на Балкан Стил, неколку месеци подоцна Јуниор. Не можам да кажам дека имам идол, од сите гледам нешто да „украдам“, да научам некој нов потег, но доколку морам да издвојам тоа би бил Рики Рубио“, го започнува разговорот за ЕКИПА, Андреј Магдевски.
Првите интернационални чекори ги правиш во белградски Партизан. Како стигна до таму?
„Со екипата на Водно Санс во која бев долг временски период одевме често на турнири во странство, поготово во Србија и на моја 14, 15 годишна возраст добив понуда од можеби една од најдобрите младински школи во Европа, школата на Партизан и без двоумење ја прифатив. Тогаш се решив дека сакам да станам професионален кошаркар и покрај административните проблеми трансферот успеа да се реализира и така почнаа моите посериозни гледишта кон кошарката“
РЕАЛ МАДРИД НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПОРЕДИ СО НИЕДЕН ДРУГ КЛУБ ВО ЕВРОПА
По Партизан следува Шпанија и Реал Мадрид каде имаш шанса да играш со и против едни од најперспективните кошаркари и против најдобрите тимови. Какво е значењето да го облечеш „белиот“ дрес, можеш ли да ги споделиш импресиите од Реал и има ли некој момент кој ќе ти остане во помнење?
„По неколку успешни сезони во младинската школа на Партизан бев принуден да ја напуштам Србија поради административни проблеми и заминав во Шпанија. Можам да кажам дека условите за тренинг и организацијата е неспоредлива со ниеден клуб во Европа. Искористив неколку недели тренинг и со првиот тим додека сениорите беа на Европско првенство и тоа можам да кажам дека е најдоброто искуство од периодот во Мадрид, како и осовјувањето на шпанската младинска лига. Реал Мадрид е еден од најдобрите клубови во Европа и можам да кажам дека само најталентираните НБА проспекти можат да стигнат до првиот тим како што се Дончиќ, Митровиќ, Хернангомез, но искуството и напредокот со младинскиот тим ми донесе голема помош и искуство во кариерата“
ВО МАЛАГА ГИ ЗАПОЧНАВ НАЈТЕШКИТЕ ГОДИНИ НА ЕДЕН СПОРТИСТ
По Реал Мадрид следи потпис со Уникаха Малага, но броиш настапи за вториот тим, Клиникас Ринкон, какви се импресиите од овој клуб?
„Во Малага ги започнав најтешките години на еден спортист, а тоа е преминувањето од младинска во сениорска кошарка. Искрено покрај големиот интерес за мене, очекував да бидам добро третиран, да бидат стрпливи спрема мене и мојот кошаркарски развој, но тоа на моја жалост не се случи. Со вториот тим на Уникаха (Клиникас Ринкон) и покрај тоа што успеавме да опстанеме во Втората шпанска лига, реши да го „продаде“ своето место и да се врати во Третата лига и тука сам бев приморан по една година да ја напуштам Шпанија“
КАКО МАКЕДОНЕЦ ВО СРБИЈА МИСЛАМ ДЕКА ТЕШКО КОЈ ПРОСПЕРИРАШЕ
По Шпанија се враќаш во Партизан како трет Македонец кој забележал прволигашки настап за „црно-белите“. Какви се импресиите од белградскиот тим?
„Како Македонец во Србија мислам дека тешко кој просперираше, поготово јас на 19 годишна возраст каде што не добив никаква шанса. Можам да кажам дека успеав да напредувам во тој тактички дел од кошарката и тоа би го издвоил како позитивно искуство таа година кое ден денес ми помогна во кариерата“
СО ВРАЌАЊЕТО ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ВРАТИВ И САМОДОВЕРБАТА
Во македонското првенство дебитираш за Фени во 2016 година по сите овие настапи во странство. Какво е чувството по враќањето дома?
„Морам да се заблагодарам на стручниот штаб таа година на Фени што ми овозможи враќање на кошаркарската мапа. Почнав да добивам самодоверба, важно ми беше да ги добијам тие минути и слобода што ја немав добиено и со добро склопена екипа и добра хемија ми беше овозможено да започнам да се развивам како сениорски играч“
Две титули во доминацијата на МЗТ Скопје во мак-баскетот со МВП признание претходната сезона. Кое е твоето мислење за МЗТ како клуб во споредба со интернационалните настапи кои ги имаш забележано.
„Можам да кажам дека МЗТ Скопје е бренд на балканот. Штета што не успеавме да се пласираме во АБА лигата, но се надевам дека што побрзо ќе станат дел од таа елита бидејќи таму им е местото, дури и сите услови ги имаат повторно да бидат дел од Еврокупот. Но, морам да напоменам дека не е лесно да се биде дел од МЗТ. Очекувано, притисок има за некој натпревар бидејќи целта на клубот е да оствари што повеќе победи и да освојува титули“
ИЗНЕНАДЕН СУМ ОД ОДНОС СПРЕМА МЕНЕ ВО РОМАНИЈА
По МЗТ Скопје нов интернационален предизвик, овој пат во Романија. Какви се импресиите од романското првенство, државата?
„Изненаден сум од односот спрема мене, прифатен сум најдобро што може. Многу ме ценат и најбитно од се што имаме одлична комуникација. Полека се адаптирав на начинот на живеење, на лигата и сега останува на мене да помогнам на екипата да остварува што повеќе победи за приклучок на плејофот“
View this post on Instagram
ЗА ТАТКОВИНАТА СЕ ИГРА ОД ЉУБОВ И ПОЧИТ, ВО КЛУБОВИТЕ НЕМА ЕМОЦИИ
Во националниот тим се наметнуваш како еден од лидерите. Што значи настап за Македонија и дали можеш да направиш една споредба во настап за клуб и нација?
„Никогаш не може да се спореди играње за репрезентацијата и клуб. Настапувањето за репрезентацијата не може да се опише со зборови, додека по клубовите мора да се гледа на работа без емоции. Денеска си тука, од утре може да те нема. Многу брзо се менуваат работите, а во репрезентацијата се знае дека се игра од љубов и почит кон татковината и голема чест ми е што сеуште сум дел од неа“
МЛАДИТЕ КОИ САКААТ ДА ЗАМИНАТ ОД МАКЕДОНИЈА ГИ СОВЕТУВАМ ДА НЕ БРЗААТ СО ИЗБОРОТ
Со целото искуство како заминување млад надвор од Македонија. Што би им порачал на младите кои ќе се одлучат за таков чекор?
„На младите кои се решени на рани години да ја напуштат Македонија би ги посоветувал да не одат било каде, во било кој клуб бидејќи има многу квалитетни младински школи и тренери за млади во Македонија, а доколку се појави интерес од некоја сериозна екипа со план за развој на играчот, да бидат подготвени на многу откажување, никогаш да не се предаваат и секогаш да останат позитивни“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА