Втор тест против Кувајт за појасна слика на селекторот Лазаров

Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го одигра и вториот контролен натпревар против селекцијата на Кувајт, како заокружување на првиот дел од подготовките за ЕП 2022 што „црвено-жолтите“ ги одработуваат во Маврово. Првиот дуел заврши со триумф на Македонија од 31-21, а се очекува селекторот Кире Лазаров како и на тој натпревар, така и денеска да им даде шанса на сите млади ракометари да ги покажат своите квалитети и да се обидат да се наметнат за место на финалниот список за Дебрецин.

Кормиларот на националниот тим не крие дека очекува уште подобро издание во однос на понеделничкиот прв меч со Кувајт.

„Не ми е толку важен резултатот, колку пристапот на ракометарите. Тоа што го договаравме и го спроведовме. Сметам дека за играчите ова е поттик за подготовките да работиме уште понапорно. Треба да ги задржиме добрите, а отстаниме негативните работи и да напредуваме. Не може да не понесе еуфорија, цврсто стоиме на земја и знаеме што не очекува. Не можеме да ги споредиме Кувајт со Словенија, Црна Гора и Данска, тоа се два различни света. Знаев дека ќе одиграме квалитетно и со голем жар, бидејќи го увидов тоа во тренинзите“, изјави Кире Лазаров.

По завршувањето на овој натпревар македонската експедиција ќе се врати назад во Скопје, каде на почетокот од месец јануари ќе биде комплетирана за пријателските средби со Израел, кои ќе бидат финална контрола за пресметките од ЕП против Словенија, Црна Гора и Данска.

Се вчитува...