ИН МЕМОРИАМ: Почина вардаровата легенда Ванчо Трпевски

Тажен ден за сите симпатизери на Вардар. Денеска на 87-година од животот почина легендата на овој клуб Ванчо Трпевски кој целата кариера ја мина во редовите на „црвено-црните“ најпрво како играч, а потоа и како тренер во помладите и сениорските категории на најтрофејниот македонски клуб.

Трпевски е роден во 1934 година. Од Вардар е од почеток до крај, од неговите почетоци до пензионирањето.

Трпевски целиот тренерски стаж го мина работејќи во сите генерации на Вардар. Тој беше тренер на Вардар во сезоната 1993/94 кога тимот се закити со втората шампионска титула во независна Македонија. Трпевски беше и селектор тренер на пионерската, јуниорската и серниорската репрезентација на Македонија во екс СФРЈ, а по осамостојувањето беше селектор на јуниорската и селекцијата до 21 година на Македонија.

Вистинското име му е Јован Трпев, но сите го знаат како Ванчо Трпевски.

Од него се прости ќерката Искра Трпева.

„Каква големина од човек беше ти. Кои зборови да ги кажам да ја опишат твојата добрина, професионализам, а пред се зборот родител. Дел од мојата душа и срце отиде со тебе. Ти благодариме што беше наш татко. Патувај со ангелите, тебе само таму ти е местото. Те сакаме многу. Ти тоа го знаеш. Последното испраќање на нашиот татко и сопруг ќе биде на градските гробишта Бутел на 31.12 во 11 часот. Почивај во мир татичко“, напиша неговата ќерка Искра Трпевa.

Се вчитува...