После две фантастични сезони во Интер, можеби и изненадувачки Ромело Лукаку се реши да се врати во Челси. Иако добро тргна, сепак, во лондонскиот клуб не му оди онака како што му одеше во Интер, а предизвика многу внимание по вчерашната изјава дека не е задоволен од ситуацијата во лондонските „сини“ и системот кој го игра Томас Тухел.
„Физички сум добар, но не сум задоволен од ситуацијата во Челси. Тухел одлучи да игра со друг систем, но јас нема да се откажам затоа што сум професионалец“, рече Лукаку.
Исто така кажа дека би сакал да се врати во Интер…
„Сега е вистински момент да ги искажам моите чувства. Секогаш кажувам дека Интер ми е во срцето. Знам дека ќе се вратам таму, се надевам на тоа. Вљубен сум во Италија. Сакам да се извинам на навивачите на Интер затоа што направија за мене многу, и секогаш ми се во срцето“, рече Лукаку.
Неговите изјави не ги воодушевија челниците на Челси, а ниту тренерот Тухел кој порача дека Лукаку избрал лош момент.
„Не ми се допаѓа тоа што го кажа Лукаку, затоа што носи непотребна врева во соблекувалната која во моментов не ни е потребна. Разговарав со Лукаку отворено и изненаден сум затоа што тогаш не делуваше незадоволно, туку спротивното. Ќе видиме што се случува со него и ќе се обидеме да ја решиме ситуацијата“, рече Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА