Чудните правила на ЕХФ: Кој ќе се зарази од коронавирус, 14 дена нема да може да дојде на ЕП

Коронавирусот создава проблеми кај речиси сите репрезентации кои ќе учествуваат на ЕП 2022, кое ќе стартува за девет дена во Унгарија и во Словачка.

Голем број од селекторите се надеваат дека ракометарите ќе оздрават навреме за стартот на шампионатот, но од Скандинавскиот полуостров стигнува информација дека ЕХФ има сосема чудно и неочекувано правило на оваа тема – заразените ракометари ќе можат да се приклучат на своите репрезентации дури 14 дена од првиот позитивен тест.

Информацијата ја потврди шведскиот селектор Глен Солберг, изненаден од ваквите правила со оглед на фактот дека периодот на изолација во оваа држава изнесува седум дена, но сега по налог на ЕХФ репрезентациите нема да можат да сметаат на овие играчи двојно подолг период.

„Тоа е долго, премногу долго време. Практично, ако се заразите денеска, тоа значи дека ќе ја пропуштите целата прва групна фаза. Можеме само да се молиме да не дојде до масивно ширење на вирусот. Не знам која е поентата, кога правилата за самоизолација во голем број на држави се за пократок период. Можеби станува збор за притисок од земјите домаќини, искрено не ја знам причината, но не знам дали ЕХФ ќе издржи со ова правило од 14 дена во ситуација кога сите репрезентации имаат проблеми“, изјави Солберг.

Македонските ракометари денеска сите беа негативни на тестирањето извршено во Скопје. Сепак, попладневниот втор натпревар од двомечот со Израел беше одложен поради три позитивни тестови кај гостинските ракометари. Со оглед на фактот дека двете селекции вчера одиграа уште еден меч, а тројцата ракометари кои денеска се позитивни беа на теренот, за жал постои сериозен ризик за ширење на коронавирусот во таборот на нашиот национален тим.

Се вчитува...