Иван Марковски од денеска повеќе не е тренер на Металург, откако поранешниот македонски репрезентативец побара и доби раскин на договорот со клубот од Автокоманда. Тој пристигна во Металург во месец март минатата година, го водеше тимот во финишот од ланската и првиот дел од оваа сезона, но во ситуација на финансиска криза реши да си замине од кормилото на поранешниот првак на Македонија.
Раководството на Металург е подготвено за заминувањето на Марковски и веќе ја стартуваше потрагата по нов стратег, уште пред прекинот на соработката со довчерашниот тренер.
„Свесни сме дека во оваа ситуација каква што се наоѓаме ние е тешко да се адаптираш, затоа и не сме изненадени од развојот на настаните. Му благодариме на Марковски за сработеното во првиот дел од сезоната, но уште пред последните неколку средби, за време и по штрајкот, стана јасно дека ќе мора да дојде до промени. Одлика на Металург во последните години секогаш била сплотеноста на сите во клубот, тимскиот дух во соблекувалната, нешто што изостана во последните месеци. Заминувањето не е изненадување за никого, ние му благодариме за досегашниот ангажман, а веќе почнавме и разговори со тренери кои би го воделе тимот во вториот дел од сезоната“, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.
Воедно, Блажевска потенцира и дека црното сценарио што се предвидува за повеќекратниот првак на Македонија нема да се оствари.
„Многумина си дозволија да го планираат нашиот буџет дури и да навлегуваат во математики што е страшно дрско, безобразно и невистинито. Можеби кога секој би ја гледал својата работа, би било подобро за сите. Продолжуваме со работа, во услови кои ги налага моменталната ситуација и не застануваме. Црното сценариo која му го предвидуваат на Металург, нема да се случи, за жал на едни, за среќа на други. Можат само да го разнишуваат бродот, но не и да го потопат“, порачува Зорица Блажевска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА