Кошмар за Лестер: Варди нема да игра фудбал до март

Брендан Роџерс се соочува со кошмар на стартот од 2022 година откако стратегот на Лестер дозна дека уште најмалку два месеци нема да може да смета на најдобриот напаѓач на тимот, Џејми Варди. Роџерс ризикуваше со недоволно рехабилитираниот Варди на дербито со Ливерпул, „лисиците“ го добија мечот со 1-0, но голгетерот ја влоши повредата и сега ќе мора да отсуствува уште најмалку два месеци од терените.

Проблемите се уште поголеми ако се знае дека Ихеаначо, кој вообичаено е втора опција во нападот, отпатува на Купот на Африкански Нации, додека третиот напаѓач во тимот, Патсон Дака, е повреден и тешко дека ќе може да се рехабилитира до наредниот премиерлигашки дуел со Барнли.

„Варди ќе мора подолго да паузира, мислам дека нема да го видиме во тимот до почетокот на март. Повредата на мускулот е сериозна, но не е неопходна операција, што е единствената добра вест во ситуацијава“, изјави Роџерс.

Се вчитува...