БОБИ МИЛЕВСКИ – МЕСТО ИНТЕРВЈУ: Три епизоди од кариерата кои вистински ги откриваат победничкиот карактер и фудбалското умеење!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Низ сумирањето на фудбалските впечатоци за 2021 година, неизбежно се издвојува и името на новиот македонски селектор Благоја Милевски. Човекот за кого, се чини, е предодредено постојано да го докажува победничкиот карактер и фудбалско умеење… А тој, пак, како постојано да нема ништо против тоа. Па, постојано и докажува.

Човекот кој нижеше шампионски титули со Вардар, тогаш и кога најтрофејниот македонски клуб му беше предаден како ‘давеник’ во очајничка позиција. Човекот кој првпат обезбеди европско првенство за една македонска репрезентација во историјата, тогаш и кога никој не очекуваше такво нешто. И човекот кој обезбеди првпат во историјата и мундијалски бараж, тогаш и кога сите го прогласија за виновник што нема да се успее во такво нешто.

Знајеќи го Милевски уште од самиот старт на неговата тренерска кариера, ми се чини, се издвојуваат три епизоди кои вистински го „разголуваат“ неговиот карактер…, и зошто ништо од неговите тренерски постигнувања не е случајно…

ЕПИЗОДА 1 – ВАРДАР

Прва лига. Сезона 2012/13. Благоја Милевски стартувајќи првпат тренерска кариера е на клупата на најтрофејниот македонски клуб. Есенскиот дел од сезоната завршен со триумф над Силекс од 5-0 и убедлива есенска титула за Вардар. Но, крајно неочекувано, за време на зимската пауза раководството на клубот, тогаш водено од Град Скопје, одлучува да го разреши Милевски и на негово место за нов шеф на стручниот штаб го именува Никола Илиевски – Џиџи.

Па, пролетта почна брзо да ја топи зимската бодовна залиха, црвено-црните редеа киксеви, па на осум кола пред крајот на првенството алармот беше запален кога Вардар загуби на домашен терен од Пелистер и се најде на третата позиција на табелата зад Хоризонт Турново и Металург. Ден после поразот од Пелистер се слушнавме со тогашниот претседател на Вардар, Зоран Шишковски кој ми откри дека планираат на клупата да го вратат Боби Милевски, само, како што рече: „не сум сигурен дали ќе прифати затоа што градоначалникот ќе инсистира на договор кој за да биде важечки, Милевски ќе мора да гарантира шампионска титула“. А Вардар на седум кола до крајот, од третата позиција, заостануваше веќе пет бода зад водечкиот Хоризонт Турново.

Низ следните часови се слушнав и со Милевски, и уште денеска се сеќавам на категоричниот негов одговор: „Секако ќе прифатам, знам колку можат тие момци… Знам дека Вардар мора до титула“.

И следниот ден прифати, а Град Скопје објави дека го враќа Милевски на клупата на Вардар. Во последните седум кола од шампионатот Вардар дојде до шест победи и едно реми, во одлучувачкото последно коло славеше со 5-0 против Хоризонт Турново и дојде до титулата. На Милевски со тоа му се активираше договорот како шеф на стручен штаб. Но, како што рече по мечот, „тоа е најмалку важно, првата титула со Вардар во тренерската кариера засекогаш ќе се памети“.

Интересно. И следната 2013/14, Боби Милевски дојде до есенската титула со Вардар. Но, со преземањето на клубот во јануари 2014 од страна на Сергеј Самсоненко повторно беше неправедно заменет. На клупата беше назначен Сергеј Андреев, а Вардар иако есенски шампион сезоната ја заврши дури на петтата позиција, и без европска виза.

ЕПИЗОДА 2 – МЛАДА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Септември, 2014 година. Милевски именуван за селектор на младата репрезентација. Ниту најмалку поштеден од ‘јавноста’ која ‘оцени’ дека е именуван поради кумските врски со тогашниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

„Ќе излаже секој кој ќе каже дека до него не допираат злонамерни коментари. Секако дека допираа и до мене, и не ви е сеедно кога некој ги занемарува сите ваши претходни достигнувања“ – ќе истакне тогаш Милевски.

И епизодата на клупата на младата репрезентација не почна славно, со пораз од 3-0 од Исланд во јуни 2015. Сепак, Милевски цврсто верува во своите момци, промовирајќи и имиња кои јавноста првпат ги слуша, со играчи и од втората македонска лига… Само тој точно знае што прави, а сите други од страна ‘мудруваат’!
И некаде во март 2016 година се случува Ле Ман. Тогаш, некако по игра на случајност, бев единствен македонски новинар кој го следеше мечот на македонските надежи во Ле Ман со големата Франција во чии редови беа имиња како Рабио, Осман Дембеле, Толисо, Бакајоко, Кимпембе.., тогаш и сега огромни ѕвезди на европскиот фудбал. Македонија го игра еден од најголемите тактички натпревари во историјата и на изненадување на целокупната европска фудбалска јавност ремизира (1-1) со големата Франција.

По мечот еуфорија, огромно славје во македонската соблекувална, француските новинари во обид сега да дојдат и до некоја изјава од македонскиот табор кого пред мечот никој жив не го третираше. Единствено Милевски онака смирен, како и секогаш, вистински насочен со погледите многу понапред од моментот на едно реми со Франција нималку еуфоричен пред македонската соблекувална… И уште денеска се сеќавам на мирниот негов одговор: „Ова не е ништо. Ништо не сме направиле ако се радуваме само на едно реми кое би останало само како наш изолиран добар резултат. Овие момци може и мора да обезбедат Европско првенство, сама така ќе останат засекогаш запаметени за историјата“.

И нeкаде во ноември 2016 година Македонија на нашиот најголем стадион во Скопје славеше пласман, за првпат во својата историја, на Европско првенство. Истата онаа ‘јавност’ која на почетокот ‘оцени’ дека е именуван поради кумските врски, сега беше најгласна со „хвалоспевите“ и најбројна со ловориките за Милевски.

ЕПИЗОДА 3 – А-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Во јули 2021 година сега веќе популарниот „Сер Боби“ е именуван за селектор на најдобрата македонска репрезентација. И оваа епизода повторно почнува по потешкиот пат. Македонија на првиот септемвриски собир под палката на Милевски завршува со три ремија од трите натпревари против Ерменија, Исланд и Романија.

Повторно се јавува „мудрата јавност“ која тврди дека се завршени квалификациите и можноста за Мундијал во Катар. Милевски, пак, онака заштитнички кон играчите, како и секогаш, е категоричен дека Македонија го игра најдобриот фудбал во својата репрезентативна историја. Сето тоа наидува на уште пожестоки удари во јавноста, и во моментите додека „мудрите“ се гласни, и уште денеска се сеќавам на првата меѓусебна средба по трите септемвриски натпревари, на одлучниот негов одговор : „Секако дека ништо не е завршено. Ако го победиме Лихтенштајн на гости, а оние кои знаат што значи денешниот модерен фудбал добро ќе разберат што сакам да кажам, тогаш тврдам дека ќе обезбедиме второ место во групата и бараж за СП во Катар“.

И, така бидна…. Во ноември македонската репрезентација запишува гостинска победа против Ерменија од 0-5 и домашна победа над Исланд од 3-1 и македонската фудбалска јавност слави место меѓу најдобрите 20 селекции на Стариот континент и обезбеден бараж за СП 2022. Можноста за Мундијал во Катар не е загубена!

Се вчитува...