Игор Ангеловски кандидат за тренер на Академија Пандев?

Поранешниот селектор на Македонија Игор Ангеловски е еден од сериозните кандидати да го превземе кормилото на Академија Пандев, дознава ЕКИПА. Струмичкиот тим е во потрага по нов тренер по заминувањето на Александар Васоски во Сараево.

Ангеловски е без работа од јуни минатата година, кога го напушти селекторското место на Македонија. Се поврзуваше со клупата на Фенербахче, па со Џенова и со сплитски Хајдук, и со бројни други екипи, меѓутоа не дојде до договор за соработка ниту со едниот ниту со другиот клуб. Исто така беше поврзуван и со неколку тимови од Словенија, меѓутоа и натаму е без ангажман.

Добрите релации на Ангеловски со Пандев уште од времето на репрезентацијата се главниот адут дека би можел да биде тренерското решение за „Академците“.

Утре екипата почнува со подготовки, и на првата прозивка екипата ќе ја води Ѓорѓи Стојчев, тренер од младинската школа и досегашниот помошник на Васоски, а од крајот на идната недела би требало да биде назначен нов шеф на струката.

Доколку Ангеловски дојде во мак-фудбалот, тоа би била вистинска „бомба“ во струмичкиот прволигаш и интересни пресметки на пролет со поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, кој беше назначен за нов предводник на Брегалница. Од нашите екипи, Ангеловски беше веќе тренер на Работнички со кој ја освои двојната круна во 2014 година.

Се вчитува...