ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Неочекуваните проблеми со коронавирусот го оставија селекторот Кире Лазаров без двајца од вкупно тројцата голмани кои беа планирани за овој европски шампионат. Митревски и Кизиќ беа принудени да останат во Скопје, на нивно место повикани се Чаневски и Трајковски, но нема дилема – Мартин Томовски ќе биде голманот што ќе треба да ја одбрани Македонија од Словенците, Црногорците и Данците во Дебрецин.
Има 24 години, но Томовски зад себе има собрано богато искуство. Како „дете“ на Пролет се пресели во Металург, а таму по неколкуте одлични сезони значеа и препорака за Бундес-лигата. Мартин бранеше добро, но Лудвигсхафен е далеку од ракометната елита, што беше причина Томовски да се врати назад во Скопје, за со Вардар да заигра во Лигата на Шампионите.
Томовски беше дел од младинската репрезентација што го оствари одличниот успех со шестото место на СП во Алжир. Токму неговите бравурозни интервенции донесоа пресврт во финишот од квалификацискиот дуел со Полска, триумф што се покажа клучен за билет за младинскиот мундијал каде подоцна генерацијата предводена од Талески и од Кузмановски стигна до одличен пласман.
Во квалитетите на Мартин Томовски не треба да се сомнева никој, она неверојатно прво полувреме против Кил е доказ дека овој чувар на мрежата не само што е исклучително талентиран, туку знае да блесне против најтешките ривали. Сега е време за нов блесок, овојпат во репрезентативниот дрес, на најголемата сцена, против ривали од самиот „крем“ на ракометна Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА