Ракометната репрезентација на Македонија во еден крајно неизвесен натпревар загуби од Словенија со 27-25 во првиот натпревар од групата А на Европското првенство во Словачка и Унгарија.
Поранешниот чувар на мрежата на Македонија, Борко Ристовски во гостување на Македонската радио телевизија даде свој осврт на премиерниот меч од континенталниот шампионат.
„Ме радува фактот што се уште не краси борбеност и дух што не красеше и во минатото. Се вративме два пати во мечот и во ниту еден момент не се предадовме. Ме радува што Томовски го почна првенството на високо ниво. Треба да се извлечат позитивни работи од поразот. Тоа е дека се појавија неколку млади играчи кои што можат да помогнат и во иднина и позитивно сум изненаден во одбраната како одиграа Мишевски и Талески. Одбраната беше подобриот дел од нашата игра“, вели Ристовски.
Тој смета дека имаме шанса да се надигруваме и со Црна Гора и со Данска во следните два натпревари на шампионатот.
„Жал ми е што не искористивме одбраните на Томовски и цврстата одбрана. Ни недостигаше тој сегмент и веројатно на крајот пресуди и искуството. Не искористивме џокерот што го имаме на првите мечеви кога фаворитите влегуваат потешко. Сепак ќе кажам дека имаме шанси да ги добиеме следните два натпревари против Црна Гора и Данска. Оваа игра ми дава за право да се надевам дека можеме да ги добиеме“, изјави Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА