ПОЛУВРЕМЕ: Одбраната мора многу подобро, ќе бркаме „минус еден“ против Црногорците

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

 

Македонија има негатива од еден гол по првото полувреме од натпреварот со Црна Гора, на одмор заминувајќи со минимални 16-17. Одбраната на овој натпревар воопшто не функционира, а пресуден е слабиот старт во нападот, кога Црногорците поедоа со четири, потоа и со пет гола предност, одржувајќи се во резултатска позитива до самиот крај на полувремето. Десните бекови Серафимов и Велковски одиграа одлично полувреме, но за победа неопходна ќе биде далеку подобра игра во дефанзива во вторите 30 минути.

Натпреварот го почнавме со две промени во однос на првиот меч со Словенија, Серафимов и Костески стартуваа од десната страна на местото на Велковски и на Гоце Георгиевски. Дуелот го почнавме катастрофално, по почетничките грешки на Ѓоргиев и на Серафимов противникот експресно казни и во четвртата минута поведе со 0-3.  Црногорците стигнаа и до 0-4, пред Серафимов во петтата минута да го постигне првиот гол за Македонија. Серафимов беше најрасположен на почетокот, па со неговите три гола на стартот намаливме на 3-5.

Лазаров за во 11 минута при резултат 3-6 го уфрли во игра Кузмановски на местото на индиспонираниот Ѓооргиев, но Црна Гора продолжи да доминира, па македонскиот селектор беше принуден да побара тајмаут при негатива од 3-8. Веднаш по тајмаутот влегоа Велковски и Миркуловски, а токму искусниот ас на Вецлар во првиот нареден напад го постигна четвриот гол за Македонија на мечот. Нападот почна да функционира, но проблемите во одбраната продолжија, па Црногорците лесно ја одржуваа предноста меѓу три и четири гола.

Противничкиот селектор побара тајмаут при водство на неговата селекција од 9-11, по сомнителното исклучување за Талески за старт откако веќе беше повикан тајмаутот.  Македонија сепак одигра одлично и со играч помалку, успевајќи да се приближи на само еден гол негатива (11-12). Црногорцките пак стигнаа до плус пет (12-15), пред Лазаров да го уфрли на голот Никола Митревски, на местото на Томовски, кој немаше свој ден како пред два дена против Словенија.

До крајот на полувремето успеавме да се доближиме на 16-17 со пеналите на Цветан Кузмноски и голот на Мартин Велковски, Гоце Георгиевски во последните секунди промаши зицер за израмнување, па Македонија на одмор ќе замине со негатива од само еден гол (16-17).

Се вчитува...