ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Ракометната репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на ЕП 2022, откако вечерва загуби од Црна Гора со резултат 24-28. Доколку впечатокот по првиот меч со Словенија беше позитивен, овој денешниот е чиста спротивност, многу работи во нашата игра не беа на потребното ниво, а црногорскиот состав со максимална ангажираност во текот на сите 60 минути стигна до заслужена победа. По овој пораз веќе е јасно дека Македонија ќе го освои последното место во групата, најслаб пласман на европските шампионати во последните десет години.
Натпреварот го почнавме со две промени во однос на првиот меч со Словенија, Серафимов и Костески стартуваа од десната страна на местото на Велковски и на Гоце Георгиевски. Стартот беше катастрофален, многу се грешеше во нападот, а Црногорците го искористија тоа и поведоа со 0-3, нешто подоцна и со 1-5. Серафимов беше единствениот што постигна гол (три погодоци за десниот бек) во првите 14 минути, а по тајмаутот на Лазаров при 3-8 и влегувањето во игра на Кузмановски и на Миркуловски конечно профункционира нашиот напад.
Водството на противникот се повеќе се топеше, па црногорскиот селектор беше принуден на тајмаут при 9-11. По сомнителното исклучување за Талески за старт откако веќе беше повикан тајмаутот. Македонија сепак одигра одлично и со играч помалку, успевајќи да се приближи на само еден гол негатива (11-12). Црногорцките пак стигнаа до плус пет (12-15), пред Лазаров да го уфрли на голот Никола Митревски, на местото на Томовски, кој немаше свој ден како пред два дена против Словенија. До крајот на полувремето успеавме да се доближиме на 16-17 со пеналите на Цветан Кузмноски и голот на Мартин Велковски, Гоце Георгиевски во последните секунди промаши зицер за израмнување, па Македонија на одмор ќе замине со негатива од само еден гол (16-17).
Второто полувреме почна со нов зицер од крило за македонските ракометари, но Симиќ успеа да го запре Цветан Кузманоски, но една минута подоцна истиот ракометар со прецизно изведен пенал израмни на 17-17. Во ритам влезе и голманот Митревски, но по нереализираниот напад при 17-17 (досуден престап од Пешевски) следеше период на послаба игра во офанзива и водство на противникот од 17-19, нешто подоцна и 18-21.
Проблемите настанаа по 40. минута, кога не искористивме два напади со играч повеќе, а Црна Гора повторно стигна до „плус три“ (19-22). И повторно Црногорците имаа исклучување, но Македонија не искористи два напади, запротивникот да ни даде подарок, со посед на топка и исклучување поради неправилна замена. Ниту ова не беше искористено, Кузманоски промаши уште една чиста позиција од крило, па Црна Гора преку Анџелиќ се врати на „плус три“ (20-23).
Кире Лазаров побара тајмаут, но ситуацијата не се промени, голманот Симиќ ги запираше сите удари кон неговиот гол, па не помагаше ниту што Митревски одбрани неколку удари на спротивната страна. На осум и пол минути до крајот, црногорскиот селектор зеде минута одмор при водство на неговиот состав од 21-24. Веднаш потоа Македонија тргна во последен обид, со „седум на шест“, при што шанса доби и младиот пивот Симоноски. Ниту тоа не вроди со плод, па „црвено-жолтите“ го загубија и овој втор меч во Дебрецин, со конечни 24-28.
Македонија настапот на ова ЕП го заврши со дуелот против гигантот Данска, закажан за понеделник во 20.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА