Самарџиев: Резултатски не сум задоволен од првиот дел, очекувам многу повеќе во вториот дел од сезоната

Минатогодишниот вицешампион, Еуро Никел немаше добар старт на новата сезона. Промената на дел од клучните играчи од сезоната 2020/21 како Џексон Дубински, Роберт Рикиќ, Данило Мијатовиќ и Јане Петровски создаде проблеми во тимот на Горан Самарџиев по што „сино-белите“ забележаа пет порази во низа.

Сепак со смената на плејмејкерската позиција и враќањето на Дубински тимот ги консолидира своите редови, а одговорот беше пет победи едно по друго. Притоа „зимскиот одмор“ Еуро Никел го искористи за промени во ростерот. Од „сино-белите“ заминаа Штерјов и Милков, а ново име е Кире Николовски, па со поранешниот репрезентативец тимот е комплетиран на сите позиции.

„Резултатски не сум задоволен имавме многу турбуленции, на почетокот на сезоната не ни се погоди плејмејкерот Дејвис, но со враќањето на Дубински сме многу подобри на таа позиција. Проблем ни беше и тоа што Атанасов не доби македонско државајнство, но ете сега ја пополнивме и таа крилна позиција со Кире Николовски и ќе бидеме многу покомпактни во однос на тоа што сакавме да го играме од почетокот на сезоната. Ќе ни треба малку време да се воиграме, но сега имаме многу повеќе опции од претходно кога на крило го имавме само Џекиќ. Проблем ќе ни биде и короната која навлезе во нашиот тим па во следните натпревари ќе биде тешко, но тоа е што е мораме да се соочиме со тоа. Во однос на првиот дел можевме да добиеме и уште неколку натпревари имавме речиси добиен меч во Гостивар, но ете имаме време да го поправиме тоа во вториот дел“, вели за ЕКИПА, Горан Самарџиев.

Ангажманот на Кире Николовски носи и повеќе опции за Еуро Никел па вицешампионот повторно се очекува да биде во игра за највисок пласман. Сепак предводникот на кавадарчани вели дека истото нема да биде лесна задача против конкурентните тимови кои направија „хаос“ на средината на табелата.

„Многу тимови ги променија ростерите и ќе биде тешко во борбата за првите шест. Пелистер и МЗТ Скопје малку се одвојуваат, а сите останати ќе ја бараат својата шанса. Нас распоредот ни е така погоден да имаме тешки натпревари во првиот дел, а потоа полесни, но нема што да калкулираме, ќе одиме на победа на секој натпревар за фаќање на приклучок на горниот дел од табелата. Се надевам дека до крајот ќе успееме да бидеме меѓу првите четири“, додава младиот стратег.

Еуро Никел во првиот меч во 2022 година требаше да се сретне со ТФТ, натпревар кој ќе биде одложен поради позитивни случаи на Ковид-19, а останува да видиме дали федерацијата ќе излезе во пресрет да го одложи и мечот против МЗТ Скопје.

Се вчитува...