Висар Муслиу пред преселба во германски Инголштад

Македонскиот репрезентативен стопер Висар Муслиу е блиску до договор со германскиот тим Инголштад. Сегашниот играч на Мол Види веќе се „пакува“ за преселба во Германија каде ќе игра во втората Бундеслига. Инголштад во моментов е последнопласиран тим во втората лига на Германија, со тешка мисија за опстанок во пролетниот дел од сезоната.

Непознати се детали околу договорот на Муслиу со германскиот тим. Едни информации велат дека ќе биде тоа позајмица до крајот на сезоната. Други информации, пак, велат дека Муслиу заминува со перманентен договор, а трети дека ќе потпише клаузула во која ќе стои доколку тимот испадне во Третата лига, да биде слободен агент. Сепак, најреална варијанта е првата, да замине на позајмица до крајот на сезоната, а потоа ако тимот опстане во втората Бундеслига, да потпише перманентен договор.

Муслиу две и пол години беше дел од МОЛ Фехервар. Претходно играше за Шкендија, Вардар, Ренова и младинскиот тим на Сент Гален. Во последните четири години е неизоставен дел од националниот тим и еден од столбовите во одбраната заслужни за успесите на репрезентацијата, пласманот на ЕП и на баражот за Мундијалот.

Во Инголштад пред неколку дена како позајмен стигна екс младинскиот македонски репрезентативец, голманот Дејан Стојановиќ. Некогашниот прволигаш, кој минатата сезона настапуваше во Третата лига, сака по секоја цена да обезбеди опстанок во втората Бундеслига, иако има тешка задача, со оглед дека Инголштад има 10 бода заостанување од сигурната зона.

Се вчитува...