Дастин Вер повеќе не кошаркар на МЗТ Скопје, потврди клубот од Аеродром. Американскиот интернационалец и актуелниот македонски шампион потпишаа спогодбен раскин на договорот откако плејмејкерот изразил желба за промена на средината поради неисплатени примања.
Аеродромскиот клуб кој се соочува со промена на раководството поради серија на пропусти не успеа да го наплати ниту целокупниот ваучер за минатата година па на финансиските проблеми се надоврза и незадоволството кај странците кои четири дена не тренираат. Останува да видиме дали примерот „no pay no play“ ќе го следат и останатите во тимот.
Триесетиедногодишникот во македонскиот тим дојде како големо засилување, а и покрај лошиот почеток на сезоната успеа да ја поправи својата игра и важеше за еден од најдобрите играчи на тимот во изминатиот период во кој МЗТ Скопје забележа шест победи и само еден пораз во АБА2 лигата, односно учинок од 9-3 во домашното првенство.
Вер во регионалното првенство бележеше просек од 16.7 поени, 6.9 асистенции и 2.4 скока по натпревар, како и 9.7 поени и 4.3 скока во домашното првенство па јасно е дека аеродромци ги чека тешка задача за адекватна замена.
И покрај тоа што првичните информации велеа дека Американецот ќе остане во тимот по подмирување на примањата, клубот од Аеродром вели дека не сака да има незадоволни играчи во своите редови.
„Американецот Дастин Вер повеќе не е кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако вечерва потпиша спогодбен раскин на договорот со клубот, по кој ниту една од двете страни немаат понатамошни обврски една кон друга.
Тој со добрите игри на турнирите во АБА2-лигата го привлече вниманието на побогати екипи од далеку посилни првенства, нешто што придонесе да се намали неговата желба да го носи сино-белиот дрес. Како и во многу слични случаеви претходно, не сакавме во своите редови да имаме играч, кој не е целосно фокусиран на обврските кон нашиот тим и кој не го дава својот максимум, особено на средбите од домашниот шампионат, поради што прифативме прекин на соработката.
МЗТ Скопје Аеродром веднаш почна со потрага на неговата замена, со надеж дека ќе најдеме уште подобро решение, односно играч кој покрај тоа што ќе игра добро во АБА2, воопшто нема да ги потцени македонските натпреварувања, каде што традиционално атакуваме на трофеите во првенството и во Купот на Македонија. На Вер, пак, како и на сите досегашни наши интернационалци, му посакуваме се најдобро во новата средина и успех во понатамошната кариера“, стои во објавата на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА