Раниери издржа само 112 дена на чело на Ватфорд

Клаудио Раниери повеќе не е менаџер на Ватфорд откако лондонскиот клуб реши да му врачи отказ на италијанскиот стратег по само 112 дена на чело на оваа екипа.

Раниери пристигна по отказот што му беше врачен на Чиско Муњоз на 3 октомври, беше најавуван како спасител во борбата за опстанок, но искусниот стручњак не ги оправда очекувањата. Раниери дебитираше со убедлив пораз на домашен терен од Ливерпул, па иако нешто подоцна го совлада Манчестер Јунајтед, Италијанецот никогаш не успеа да го извлече потенцијалот од оваа екипа.

Чашата со незадоволство беше прелиена со поразот на домашен терен од директниот ривал за опстанок, тимот на Норвич со 0-3, по што стана јасно дека деновите на Раниери се избројани. По тој неуспех во петокот, управата на Ватфорд денеска и официјално му врачи отказ на екс-стратегот на Лестер и на Челси.

Ватфорд моментно е претпоследен на премиерлигашката табела со 14 бода, два помалку од Норвич кој се наоѓа на 17. место кое значи опстанок во елитата.

Се вчитува...