МЗТ Скопје веќе четири сезони се обидува да се врати во првото по ранг кошаркарско натпреварување на овие простори, а оваа за истото може да ја има и поддршката од домашната публика откако клубот изрази желба за организација на фајнлејт турнирот.
Оваа информација ја потврди клубот во соопштение во кое вели дека, неофицијално за тоа ќе има два босански противника – Сараево и Бања Лука.
„Големите амбиции за враќање во елитната јадранска конкуренција, управата на МЗТ Скопје Аеродром ја потврдува и со испраќањето официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2.
Станува збор за добивање можност да се биде домаќин на најдобрите осум екипи од ова натпреварување, што и тоа како би било добро за нашите кошаркари, кои на патот кон АБА-елитата би ја имале поддршката од трибините. Според нашите информации, предводниците на регионалното натпреварување се уште ги прибираат понудите за овој настан, за кој, неофицијално, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука.
Фајналејт-турнирот од АБА2 начелно е планиран за месец април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник. Ваквиот принцип значи дека домашниот терен ќе биде уште поголема предност, па се надеваме дека раководството на АБА ќе ја земе в предвид богатата традиција на нашиот клуб, како и фактот што сме еден од основачите на сегашното натпреварување и ќе ни направи чест да бидеме домаќини на најдобрите екипи.
МЗТ Скопје Аеродром во моментов е второпласиран на табелата со скор 6-1, во пресрет на последните два турнири, кои ќе се одржат во Бања Лука и во Широки, каде што секоја екипа ќе одигра по три натпревари“, стои во соопштението на МЗТ Скопје.
Осумкратниот шампион на Македонија најблиску до „кам-бек“ во АБА2 лигата беше во сезоната 2018/19 која ја заврши на третото место во регуларниот дел. Во полуфиналето го совлада Спарс, додека во финалето загуби од Приморска. Подоцна аеродромци се сретнаа со Задар во дуел против претпоследно пласираната екипа од АБА лигата, но и покрај тоа што го добија првиот дуел во Хрватска, загубија на „една топка“ во СЦ „Јане Сандански“, а Хрватите славеа и во „мајсторката“.
Аеродромци можеа да изборат и место во „елитата“ и во сезоната 2019/20, која беше прекината поради пандемијата на коронавирус, а „штрковите“ во моментот на прекин го завземаа третото место на табелата. Претходната сезона беа поразени во четвртфиналето од Младост.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА