ЕКИПА Топ 5: Идеална петорка на 14. коло (ФОТО)

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Изминатиот викенд на кошаркарските терени во Македонија беа одиграни четири прволигашки натпревари во кои Гостивар и Академија ФМП стигнаа до убедливи победи над МЗТ Скопје 2, односно Кожув. Во меч со 207 постигнати поени ТФТ го совлада Куманово, додека натпреварот на колото му припадна на МЗТ Скопје кој го доби дуелот на „минатогодишните финалисти“ против Еуро Никел.

За жал коронавирусот повторно одложи средби во „елитата“ на македонската кошарка па 14. коло ќе биде комплетирано дури на почетокот на месец март по натпреварите помеѓу Ангели – Работнички, односно Феникс 2010 – Пелистер.

Во идеалната петорка на колото место имаше за двајца кошаркари на ТФТ, Александар Костоски и Ландриус Хортон кои беа енигма за кумановци. Македонецот мечот го заврши со 18 поени и реализација 3/4 за три поени, а згора на тоа додаде и 6 асистенции и 5 скока, додека Американецот оствари дабл-дабл учинок од 26 поени и 11 скока на кои додаде и 5 асистенции.

Виктор Ефремовски блесна на теренот во „Младост“ со 26 постигнати поени и реализација 4/7 зад линијата 6,75, а притоа додаде и 4 скока. Одлична вечер имаше и Филип Бакоч кој во победата на „академиците“ забележа 19 поени, 8 скока и 2 украдени топки.

Петорката ја комплетира Бојан Крстевски кој во победата на МЗТ Скопје во натпреварот на колото имаше одлична улога. Репрезентативецот го предводеше тимот со 17 поени со 5/7 за два и 1/2 за три поени, притоа завршувајќи го натпреварот без изгубена топка.

Се вчитува...